fbpx

Старите возачки дозволи да важат до Нова година, гласи новиот предлог закон

Предлог на закон за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка, поднесоа пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Атнан Незири, Димитар Апасив и Павле Трајанов. Собранието ја усвои потребата од донесување на измените во овој закон

-

Старите возачки дозволи кои имаат важечки рок, а се со старото име на државата, наместо до 12 февруари 2024, да важат до 31.12.2024. Ваков предлог на закон за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка, поднесоа пратениците Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Атнан Незири, Димитар Апасив и Павле Трајанов. Собранието ја усвои потребата од донесување на измените во овој закон.

Ова следува откако настана паника, хаос и жестоки реакции известувањето дека од вечерва на полноќ, согласно обврските од Преспанскиот договор, во државата нема да важат возачките дозволи со старото име на државата, без разлика дали истите имаат валиден рок. Имено, иако биле извршени законски измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата уште во мај 2021 година, граѓаните не беа запознаени со деталите од тој закон, особено во делот кој предвидува дека нивните возачки дозволи со „Република Македонија“ нема да бидат валидни. Во меѓувреме, од 2021 година па сè додека да се истрошат старите обрасци, на граѓаните им беа издавани возачки дозволи со старото име на државата.

МВР: Од утре на полноќ немојте да возите ако имате возачка со „Република Македонија“

„Изменувањето на Законот е неопходно поради тоа што извесно е прекршувањето на уставното загарантирано право на слободно движење односно слобода на движење утврдено во членот 27 став 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија – Секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката“, се вели во предлогот за измена на законот.

Дополнително, како што стои во образложението за законските измени, слободата на движење е загарантирана и со сите релевантни меѓународни документи и акти за човековите права, како што е член 2 став 2 од Протоколот 4 од Европската конвенција за човековите права – Секое лице е слободно да ја напушти која и да е земја вклучувајќи ја и својата, членот 12 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, член 13 од Универзалната декларација за човекови права.

„Сите од наведените само потврдуваат дека слободата на движење и правото на граѓаните слободно да ја напуштат земјата и да се вратат во својата земја е неприкосновено човеково право“, се вели во образложението.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македнија, Јован Митрески, на денешната редовна координација, на која присуствуваа координаторите на пратеничките групи, го отвори прашањето за проблемот со возачките дозволи и ја нагласи потребата Собранието да преземе итни чекори со цел да се надмине состојбата која произлезе од примената на Преспанскиот договор.

Тој истакна дека има најави дека пратеничките групи ќе достават различни предлози за законски измени, поради што нагласи дека пратеничките групи треба да дејствуваат координирано за да се дојде до најбрзото и најдоброто решение, кое ќе биде во интерес на граѓаните, а кое во исто време нема да наштети на почитувањето на меѓународните правни акти кон кои како држава сме се обврзале.

Тој најави дека уште денеска ќе иницира состаноци со министрите за внатрешни работи, за финансии, за надворешни работи, како и со првиот човек на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Истовремено, претседателот Митрески информираше дека ќе одржува ад хок состаноци со координаторите на пратеничките група со цел заеднички да најдат решение за настанатата ситуација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...