Млади музичари свиреа џез музика во Филхармонија на настанот „Свинг“

Настанот, организиран од „Фејмс институт“, вклучуваше триесетина музичари од Македонија, како и од Србија, Шпанија, Ерменија, Италија и Полска

Фото: Метa.мк

Млади локални и странски музичари учествуваа во концертот „Свинг!“, организиран од „Фејмс институт“ на 10 февруари во Филхармонија во Скопје. Во биг бег стил беа отсвирени бројни композиции од различни музички потекла, вклучувајќи ги „Њујорк, Њујорк“, „Флај ми ту д мун“ и адаптирана верзија на „Оревокршачка“.

Од „Фејмс институт“ велат оти концертот произлегол од „работата на еднонеделен оркестарски курс за хибридни музички форми“, прв од низа семинари кои институтот ќе ги организира во текот на годината.

Диригент беше Тимоти Редмонд, професор во Гилдхол училиштето за музика и драмски уметности, кој има настапувано со симфонискиот оркестар на Би-би-си. Својот глас на дел од песните го даде Хари Епс, кој има играно театарски улоги во мјузиклите „Свини тод“ и „Клетници“.

Фото: Мета.мк

Оркестарот пак, беше составен од локални млади музичари, како и од музичари од Србија, Шпанија, Ерменија, Италија и Полска.

Инаку, „Фејмс институтот“ е оркестарски изведувачки институт кој претставува музички образовен центар, создаден во рамките на компанијата „Фејмс“, која се занимава со професионално снимање и продукција на музика.

Програмата на институтот е фокусирана на креирање можности за младите таленти и обезбедува едукација во разновидни оркестарски практики, истражувајќи нови стилови и спојувајќи ги младите музичари од Европа.

Овој настан беше поддржан од Делегацијата на Европската Унија и Министерството за култура на Република Северна Македонија.