Млади музичари од Македонија и Европа свиреа џез во Филхармонија, како дел од едукативна програмa

Во текот на една недела музичарите ги навежбаа песните, а имаа и прилика да ги снимаат во прфесионалното скопско студио „Fame's“, кои ја организираа обуката

Фото: Метa.мк

Во камерната сала во Филхармонијата во Скопје изминатата сабота ечеше еден многу свеж звук – џез музика отсвирена од талентирани млади музичари. Концертот, наречен „Свинг!“, беше обоен со музиката од Френк Синатра, како и со реинтерпретации на пар класични дела од Чајковски и Бетовен. На диригентското место стоеше реномираниот Тимоти Редмонд, додека театарскиот пејач од Британија Хери Епс му даде свој печат на репертоарот.

Композициите беа отсвирени од оркестар од триесетина млади музичари, кои потекнуваа од повеќе земји, меѓу кои Македонија, Србија, Ерменија, Шпанија и Италија. Неполна недела свиреа заедно – се запознаа на почетокот на неделата кога започна курсот на кој учествуваа, кој беше организиран од „Fame’s Institute“, музичко едукативен центар.

„Пред две години започнавме проект во Скопје, поддржан од Министерството за култура и проектот „Креативна Европа“ на Европската комисија , кој е посветен на обучување на млади класични музичари од сите 27 европски земји. Доаѓаат во нашето студио за да се обучат во различни активности, особено тие поврзани со професионалното снимање на музика“, вели Од Насие Мопа, директорка на „Fame’s Institute“.

„Fame’s Institute“ од 2021 година организира десетина вакви обуки годишно и целат да ги прошират хоризонтите на музичарите со тоа што покриваат широк спектар на музички стилови, од танго и клезмер, до електронска и филмска музика.

Институтот е исто така дел од „Fame’s Studio“, професионално студио во Скопје кое повеќе од 15 години снима музика за клиенти од цел свет, со особена активност во филмската музика.

Курсевите се одржуваат во просториите на „Fame’s“. По неколку дена вежбање тие имаат прилика да снимаат во студиото пред главниот концерт.

„Имаме пристап до ова големо студио. Имаме и различни простории за вежбање на првиот и вториот кат. Музичарите спијат на најгорниот кат и јадат долу во бистрото. На едно место имаат сè што им треба. Тука уживаат во вежбањето, правењето музика, дружењето и забавувањето“, вели Насје Мопа.

Еден од младите македонски музичари кој учествуваше на концертот во сабота беше Петар Саркањац, гитарист кој неодамна дипломираше на музичкиот факултет „Беркли“ во Бостон, на двоен смер, изучувуајќи современо пишување и композиција, како и компонирање за видеоигри и интерактивни медиуми. На Саркањац особен впечаток му остави диригентот Редмонд и неговиот неконвенционален и креативен стил на работа.

„Редмонд имаше многу интересна техника, ептен педагошка. Сакаше на сите да ни е удобно, да можеме лесно заедно да свириме. Ни кажуваше на сите истовремено да свириме блуз, некои акорди да испробуваме –  само да си играме. Тоа ме изненади, мислев дека ќе биде построг, иако тоа можеби беше некоја моја предрасуда за како работат класични диригенти“, кажа Саркањац.

Иако, според Саркањац, се чинело оти Редмонд, кој доаѓа од класичарскиот свет, имал помалку искуство работејќи со џез и рок ритам секција, на Саркањац му било фасцинантно да гледа како работи и со другите секции. Тие ќе повторувале една фраза по 20 минути – Саркањац вели дека се чувствувал како да му се подобрува слухот само набљудувајќи ги.

„Како им зборуваше на дувачите и гудачите беше многу интересно – какви грандиозни гестикулации користеше! ‘Тука малку повеќе вибрато’, или ‘тука откачете се’! Многу ми беше ќеиф да го посматрам тоа,“ со насмевка раскажува Саркањац, имитирајќи ги со раце гестикулациите на Редмонд.

Фотографијата се користи со дозвола на авторот

Саркањац ги истакна вработените на вработените во „Fame’s“, велејќи дека ова искуство е на исто ниво на професионализам со неговите искуства при снимање со оркестри и работа во студија на во САД. Дури и звучниците во студиото биле истите како во студиото на „Беркли“, а вели дека и инженерите во „Fame’s“ биле дури потопли и отворени отколку тие во „Беркли“.

„Во самата просторија каде што свиревме, самите не се слушавме додека се местевме, но инженерите ме слушаа во контролната соба. Сакав да видам дали инженерите ќе забележат што свирам па почнав да ја свирам „Дада сали“ од Ферус Мустафов. После ми дојде Филип, еден од аудио инженерите, и ми рече ‘ти ја пуштивме гитарата изолирана!’ Многу убава атмосфера“, се присетува Саркањац.

Со опиплива топлина раскажуваше за искуствата споделени со другите млади музичари, вклучително и со театарскиот пејач Епс.

„Не ни имав претстава дека Хери бил толку реномиран. Седнавме на кафе и цигара во бистрото и Хери не беше најрасположен, зборуваше дека пеел фалш и дека се смеел додека пеел. А јас му велев ‘не бе, баш е симпатично, дел од убавината е да си толку слободен, да се смешкаш’. После тоа ептен беше фин со мене и си имавме убав однос“, вели Саркањац.

Ваквите моменти се токму дел од целта на проектот – Насје Мопа вели дека со своите обуки целат да ги запознаат европските музичари со балканската музичка сцена – затоа завршните концерти на нивните програми ги имаат организиран во Белград, Софија, Букурешт и други градови во регионот.

Приказната на концертот „Свинг!“ продолжува оваа недела, со тоа што дел од музичарите кои свиреа изминатата сабота во Филхармонија ќе свират во Будимпешта, како дел од нов курс организиран од „Фејмс“ во соработка со унгарската музичка академија „Франц Лист“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)