ЕУ ја казни „Епл“ со 1,8 милијарда евра поради прекршување на правилата за стриминг на музика

Одлуката ја донесе Европската комисија, а следуваше по жалбата на шведскиот музички стриминг сервис „Спотифај“

Photo by Medhat Dawoud on Unsplash

Европската Унија ја казни технолошката компанија „Епл“ со 1,8 милијарда евра поради кршење на законите за конкуренција, јавија светските новински агенции.

Казната, како што пренесува Би-би-си, е поради спречување на „Спотифај“ и другите музички стриминг платформи да ги информираат корисниците за опциите за плаќање надвор од продавницата за апликации на „Епл“.

Одлуката ја донесе Европската комисија, а следуваше по жалбата на шведскиот музички стриминг сервис „Спотифај“ поради ова ограничување и надоместокот од 30 отсто што го плаќа кон „Епл“.

Надлежното тело за конкуренција на ЕУ рече дека „Епл“ ја злоупотребувала својата доминантна позиција на пазарот цела деценија, со тоа што ги ограничила програмерите да ги информираат корисниците за алтернативни и поевтини музички услуги достапни надвор од екосистемот на „Епл“.

ЕУ ѝ нареди на компанијата да ги отстрани сите ограничувања и да се воздржи од слични практики во иднина.

„Епл“ соопшти дека ќе се жали на одлуката, тврдејќи дека нема докази оти потрошувачите биле оштетени.

„Спотифај“ ја има најголемата апликација за стриминг на музика во светот, а во текот на истрагата се сретнала со Европската комисија повеќе од 65 пати.