fbpx

Со молитва и торта со ликовите на Џафери и Ахмети, започна изградбата на училиште во Селце

По молитвата, Џафери ја пресече тортата на која имаше фотографија од него, како и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На тортата, двајцата се гледаат очи в очи

-

По многу одложувања, денеска почнаа градежните работи за изградба на основното општинско училиште „Рилиндја“ во Селце, Тетово. За поставување на камен-темелникот во ова село ДУИ собра многу функционери, почнувајќи од премиерот, првиот вицепремиер, министерот и заменик министерот за образование, директори, градоначалници, функционери, заменици. Немаше претставници од општина Тетово,бидејќи, како што рекоа, не биле поканети. Реагираа од Движењето Беса кои велат дека активноста се користи за изборна пропаганда. Изградбата на училиштето се очекува да заврши во 2025 година, пишува Порталб.мк.

Жителите на Селце со години го чекаат новиот училишен објект бидејќи постојните
објекти каде што учениците ја следат наставатa, се во лоши услови. Ако работите се одвиваат според планираното, нивниот проблем се очекува да се реши идната година.

Премиерот Талат Џафери истакна дека децата повеќе нема да учат во стари училници изградени во 1954 година и во лоши услови, туку ќе продолжат да учат во модерно училиште.

„Проектот ќе чини 100.000.000 денари и се очекува изградбата да заврши во 2025 година“, рече Џафери.

Фото: Порталб.мк

Пред да се постави камен-темелникот, присутните изведоа и една молитва. Изградбата на новата училишна зграда во Селце е и дел од изборната програма на ДУИ на последните парламентарни избори. Конкретно, на страна 134 стои дека „вредноста ќе биде 1.153.000 евра, и ќе започне во 2020 година, а ќе заврши во 2022 година“, но тоа не се оствари во овој временски рок.

Порталб.мк го праша Џафери за ова ветување, зошто доцни реализацијата, дали ќе биде завршено навреме или ќе ја има истата судбина како основното училиште во Мала Речица и Студентскиот дом во Тетово кои беа изградени со задоцнување.
Џафери ни одговори:

„Отсега па натаму, целата судбина на овој објект зависи од работата на изведувачот, кој мора да ја почитува динамиката на работите, а со оглед на тоа што финансиските средства се обезбедени, динамиката на работата зависи од работата на изведувачот. Како институција имаме обврска да извршиме увид и да го надгледуваме текот на работата. Убеден сум дека тоа ќе се изврши во рокот предвиден со договорот“.

Фото: Порталб.мк

По молитвата, Џафери ја пресече тортата на која имаше фотографија од него, како и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На тортата, двајцата се гледаат очи в очи.

На овој настан немаше претставници од општина Тетово. Порталб.мк го праша министерот за образование Јетон Шаќири дали на овој настан поканиле некој претставник од општина Тетово, тој нагласи дека комуникацијата на Министерството за образование и наука (МОН) била со директорот на училиштето. Затоа, од директорот на училиштето како институција со која заеднички раководат, побарале да комуницираат со претставниците на локалната власт.

„До последен момент имавме потврда дека директорот на училиштето ќе биде присутен на презентацијата на овој проект, но до претставниците на Министерството достави информација дека имал важен момент за потпишување документ-извештај во Државниот просветниот инспекторат и дека нема да може да дојде на презентацијата на проектот“, рече Шаќири.

Но, од општина Тетово, раководителот на секторот за образование во општина Тетово, Валедин Адеми за Порталб.мк изјави дека не добиле покана.

„Немаше претставници од општината бидејќи не добивме покана од техничкиот премиер. Истото важи и за директорот на училиштето, тој е директор на образовната институција, не е партиски член, а промовирањето таму е само партиско и воопшто не е институционално“, рече Адеми.

За денешната активност реагираше Движењето Беса од каде што рекоа дека камен-темелникот на училиштето во Селце не е ништо друго освен еден предизборен камен-темелник за да се добијат повеќе гласови на изборите.

„Граѓаните Албанци, но и жителите на Селце цели 20 години беа сведоци на лагите на ДУИ која не го изгради училиштето“, рекоа од Движењето Беса.

Новата училишна зграда ќе има вкупна површина од 2.400 метри квадратни, поделена на два спрата. Проектирани се 9 училници од по 24 ученици, училница за деца од предучилишна возраст, два кабинета за реализација на воспитно-научната програма, како и една училница за информатички науки. Учениците од село Селце учат во тешки услови и во два објекти, едниот е барака изградена околу 60-тите години, а другиот е започнат во 2000 година, но до ден денес не е доизграден.

Изградбата на училиштето во Селце се изгласа на владина седница на 26 септември 2023 година, за што министрите од редовите на ДУИ се пофалија на нивните профили на социјалните мрежи.

Беше ветено дека поставувањето на камен-темелникот ќе се направи во 2023 година, но ова не се оствари во тек на минатата година.

Критики за ова училиште кон власта, поточно кон ДУИ, имаа жителите на селото Селце, кои на почетокот на 2023 година на партиски митинг во ова село го повторија своето долгогодишно барање до функционерите на ДУИ за новото училиште. Тие дури рекоа и дека доколку до следните избори не се исполни барањето за ново училиште и другите барања, ќе ги казнат така што нема да гласаат за нив.

Новинар: Фисник Џелили

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...