fbpx

СДСМ: Во Општина Охрид се вдомуваат функционери вмешани во корупциски афери

-

Пред три дена, наводно на некаков проект, во Општина Охрид работно се ангажирани двајца поранешни владини функционери од ВМРО-ДПМНЕ, поврзани со афери за големи финансиски проневери со парите од европските фондови, обвини денеска општинската организација на СДСМ во Охрид.

Партијате го наведува името на Бошко Нелкоски, поранешен директор на Националната агенција за европски образовни програми, за кој во јавноста изби голем скандал и беше посочуван како одговорен за злоупотреба и за проневера на голема сума пари од европските фондови. Како директор на Агенцијата, доделил европски пари за проект на невладина организација од Струга, со која претходно и самиот раководел.

„Европската комисија направи истрага за незаконската распределба на парите од директорот на „роднински“ и на „пријателски“ организации, по што ги укина паричните средства за Македонија. Дури и Антикорупциската комисија тогаш заклучи дека постои основано сомневање дека во периодот 2008 – 2009 година, директорот сторил кривични дела, злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата. Нелкоски беше принуден да си поднесе оставка од позицијата директор“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ го наведуваат и Игор Домазетоски, поранешен член на управниот одбор на Националната агенција и овластен потписник на струшката невладина организација, која во времето додека тој бил дел од Агенцијата, добивала сомнителни грантови. Тогаш, на име на проекти за образованието, струшки невладини организации, блиски до власта, примиле речиси половина милион евра од европските фондови, кои биле доделувани само по партиска, роднинска и по пријателска основа. Сега, ВМРО-ДПМНЕ, го вдомува токму Игор Домазетоски во Општина Охрид, обвинуваат од СДСМ.

Од опзициската партија најавија дека по промената на власта, во април 2016 година, ќе следува законска ревизија на сите сомнителни договори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.