fbpx

СДСМ го обвини Груевски дека ги уништи земјоделците

-

Пласманот на земјоделските производи цели 10 години е најболниот проблем на земјоделците, а криминалната влада на Никола Груевски не покажа никаков интерес да помогне, реагира опозицискиот СДСМ, по најавата за нови владини мерки за земјоделството.

„Оставени сами, препуштени на уцените на трговците, десет години земјоделците напразно молат државата да им помогне. Со години имаат неплатено грозје, пиперки, ориз, праски, домати и пченица кај откупувачите, без да имаат каква било заштита од Владата да се почитуваат договорите за откуп. За тоа време, криминалецот Никола Груевски отвори агробизнис-зона за неговите постојани лажни ветувања и погрешни, криминални политики со коишто ги уништи земјоделците и македонскиот аграр. Почна со „Сведмилк“, а потоа со каубојски шешир најавуваше американски ранч во Македонија. Врв беше понижувањето на земјоделците со Субрата Рој, па сè до пред една година, кога го отвори откупно-дистрибутивниот центар „Апл-ленд“ со што само им ја намали цената на јаболката во Преспа. Пропадна и најавата за карго-аеродром во Штип, од каде требаше да се извезува македонскиот зеленчук“, стои во реакција и се додава дека на сметка на земјоделците „цветаа криминалите и злоупотребите на земјоделските ресурси од  власта на ВМРО-ДПМНЕ“.

Од опозициската партија наведуваат дека членови на Владата потпишуваат анекс-договори, ослободуваат фирми од плаќање закупнина за државно земјоделско земјиште, местат поделба на земјоделско земјиште и на субвенции.

„Милиони евра пари на вистинските земјоделци за изминатите години завршија во џебовите на фамилијата на Никола Груевски. Сето ова со помош од таканаречените лидери на земјоделците, кои во функција на службеници на власта ги држеа подалеку земјоделците и нивните маки од Илинденска бб. Нивното соучесништво во уништувањето на македонскиот земјоделец и на македонскиот аграр е злосторство што го чувствуваат сите граѓани преку уништеното домашно производство и зголемениот увоз на храна“, стои во реакцијата на СДСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.