fbpx

Санкциите кон Русија: крешендо

-

За една седмица Европската унија во три наврати (на 23, 25 и 28 февруари 2022) воведуваше нови санкции или ги менуваше постојните санкции кон Русија. Тие претходно беа најавувани на високо ниво, па се создаде и конфузија околу тоа за кои санкции се преговара, а кои се веќе во сила. Покрај внатрешните договарања, ЕУ ги усогласуваше санкциите и со евроатлантските партнери – пред сѐ со САД и со довчерашната членка – Обединетото Кралство.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Најновата серија усвоени санкции, кои се објавени на 28 февруари и на 1 март 2022 година во Службениот весник на ЕУ се состои од:

  • Проширување на списокот на лица за кои важат рестриктивните мерки (замрзнување на имот, забрана на трансакции, забрана на патување) со уште 26 физички и 1 правно лице;
  • Забрана за полетување, слетување или прелет на руски авиони;
  • Забрана на трансакции со Руската Централната Банка;
  • Забрана за емитување на руски радиодифузери – РТ и Спутник.

Проширениот список сега содржи 680 физички лица и 53 правни лица.

Забраната за летови на руски авиони значително ги ограничува комуникациите на Русија со Европската унија и воопшто евро-атлантскиот блок. Истовремено, за руските авиопревозници се зголемуваат трошоците за летови на други територии. Од друга страна, контра-забраната веќе воспоставена од Русија за 36 држави ги зголемува трошоците на нивните авиокомпании.

Забраната за емитување на руските радиодифузери предизвика дебати и поделени мислења околу слободата на говорот, особено во новинарските кругови.

Несомнено една од најострите и можно најефективните санкции досега е забраната за трансакции со Руската централна банка, која значително го ограничува потенцијалот на високите руски резерви – доколку со нив не може да се тргува, тие ја губат вредноста. На Русија ѝ преостануваат опции за тргување со резервите кои не се во државите кои ѝ воведоа санкции, но тие се поограничени и ѝ носат повисока цена.

Оваа мерка, заедно со претходно забранетиот пристап на руските банки и други финансиски институции на европските пазари на капиталот доведе до остар пад на  вредноста на руската национална валута. Руските контра мерки сега се главно сконцентрирани на внатрешни мерки за заштита на понатамошниот пад на рубљата како зголемување на каматата, задолжително чување на депозити во рубљи наместо во девизи, забрана на депозити во странски банки, па дури и затворање на руската берза.

Според порталот Politico.eu, вечерта на 1 март 2022 година амбасадорите на државите членки на ЕУ постигнале согласност за веќе најавеното исклучување на руски банки од меѓународниот платен систем SWIFT. Се споменува дека со мерката ќе бидат опфатени седум руски банки, но дека таа не ги опфаќа најголемиот заемодавач во државата Сбербанк и Газпромбанк која е евидентно поврзана со енергетскиот сектор и делумно во сопственост на рускиот гасен гигант Газпром. Тоа е очигледно линијата која сѐ уште треба да обезбеди финансиски протек за испораките на гас и нафта од Русија. Останатите институции на листата се банките ВТБ, Росија, Откритие, Новикомбанк, Промсвјазбанк, Совкомбанк и ВЕБ.РФ. Оваа мерка сѐ уште не е објавена.

Досегашните санкции на ЕУ се усогласени со САД и Обединетото кралство.

Она што можеби беше поголемо изненадување е придружувањето на Швајцарија кон рестриктивните мерки, која традиционално поради неутралниот статус и позицијата на нејзините банки досега беше релативно воздржана во однос на санкциите. Таа досега се придружи кон мерките од 23 и 25 февруари, но најавува и натамошно придружување кон санкциите што следат.

Придружувањето кон рестриктивните мерки е еден од параметрите за постепеното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за државите од Западниот Балкан, како дел од процесот на стабилизација и асоцијација, а секако и на преговорите. Од регионот Србија се издвои со јасен став дека нема да ги поддржи рестриктивните мерки кон Русија, и покрај тоа што го поддржува територијалниот интегритет на Украина. Босна и Херцеговина, веќе вообичаено, не може внатрешно да се усогласи. Другите држави од регионот ги поддржаа санкциите и досега сукцесивно се придружуваат кон нив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...