fbpx

Само осум воза предвидени со возниот ред за 2024, железницата во колапс [инфографик]

Меѓународни возови и во 2024 година ќе нема, а за првпат од возниот ред отсуствуваат и возови за Кичево, Табановце, Кочани и Приштина

-

Патнички возови догодина ќе нема од Скопје кон Кичево, Кочани и Табановци, а ќе нема ниту меѓународен железнички сообраќај од македонскиот главен град. Објавен е возниот ред на Железници на РСМ-Транспорт, а во него е впишано дека од скопската железничка станица ќе поаѓаат само по осум воза дневно кон Битола, Гевгелија и Велес. Кон останатите релации нема да сообраќаат возови, со што и официјално без ова превозно средство ќе останат граѓаните од Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Штип и Кочани.

Возниот ред за 2024 година стапува на сила на 10 декември 2023 година и ќе има важност до 14 декември 2024 година. Од Скопје за Битола се предвидени три поаѓања на возовите во 6:53, 14:30 и 20:05 часот. Од Битола за главниот град возовите ќе поаѓаат во 3:14, 12:47 и 18:23 часот. Предвидено е утринскиот воз од Скопје да сообраќа до Жабени во близина на македонско-грчката граница, кој од ова населено место за Битола ќе поаѓа во 11 часот.

Привремено во моментов не сообраќаат два од предвидените патнички возови меѓу Скопје и Битола, а Железници на РСМ-Транспорт допрво ќе определат кога повторно ќе бидат пуштени во сообраќај возовите кои од главниот град поаѓаат во 6:53 и 20:05 часот, како и од Битола за Скопје во 12:47 и 18:23 часот.

Укинатите патнички возови кон Битола ќе се вратат во функција, ама не се знае кога

Од Скопје за Гевгелија од 10 декември е предвидено да сообраќаат по два воза дневно во 6:23 и 16:55 часот, додека од Гевгелија истите ќе поаѓаат во 4:48 и 17:02 часот.

Возниот ред предвидува и осум пара возови дневно меѓу Скопје и Велес, со поаѓања од престолнината во 6:23, 6:53, 9:00, 13:20, 14:30, 16:55, 20:05 и 22:40 часот, додека од велешката железничка станица во обратен правец ќе возат во 5:03, 5:46, 6:27, 12:10, 14:24, 15:24, 18:40 и 20:57 часот.

Железници на РСМ-Транспорт на почетокот од годинава ги укина возовите на релацијата Скопје-Табановце-Скопје, додека во 2021 година беше прекинат железничкиот сообраќај од Скопје кон Кичево, Кочани и Приштина. Веќе неколку години наназад не сообраќаат експресните возови од Скопје за Белград и Солун, така што граѓаните од земјава подолг период не можат да користат меѓународен железнички превоз.

Инаку, податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека заедно со укинувањето на возните линии, кај граѓаните опаѓа и интересот за патување со воз во Македонија. Од јануари до септември годинава со воз патувале само 231.000 патници, што е еквивалентно на бројката на превезени граѓани во времето на ковид-19 пандемијата, кога имаше подолготрајни полициски часови и рестрикции во движењето.

Годинава бројките во патничкиот железнички превоз се драстично опаднати и споредбено со лани. Па така, во периодот од јуни до септември 2022 година со возови патувале 108.000 лица, додека истиот период годинава од Железници на РСМ-Транспорт биле превезени само 56.000 патници.

Со ваквиот возен ред, Македонија ќе остане на самото дно во Европа по бројот на патнички возови. Помал железнички сообраќај во моментов има само во Албанија, со два воза дневно и во Косово, каде има по четири патнички возови дневно.

Мета.мк подолг период наназад пишува дека најевтиното и најеколошко средство за превоз на патници во земјава замира без неопходните инвестиции во железничкиот транспорт.

Статистичките податоци велат дека во периодот пред 2015 година, со воз на годишно ниво во земјава патувале и над милион патници, додека во периодот на Југославија железницата бележела и по над 6 милиони превезени патници со тогашните возови, како во внатрешниот, така и во меѓународниот сообраќај.

Подемот и падот на железницата – за три децении за 12 пати намалено патувањето со воз (видео)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...