fbpx

Дигитализацијата, единствена надеж за подобрување на институционалната транспарентност во извршната власт на РСМ

Во пракса, не се прави доволно за поголема институционална транспарентност, бидејќи честопати заложбите од страна на надлежните органи остануваат само празни зборови без конкретни резултати во пракса

-

Транспарентноста на институциите во Северна Македонија не е на посакуваното ниво според последните мерења на Индексот на отвореност на мрежата ACTION SEE, иако Владата на нашата земја во споредба со оние од регионот, според последните мерења, е подобро позиционирана. Во пракса, не се прави доволно за поголема институционална транспарентност, бидејќи честопати заложбите од страна на надлежните органи остануваат само празни зборови без конкретни резултати во пракса.

Решението за ова прашање може да се види во дигитализацијата, со оглед на тоа што неодамна нашата земја го усвои и Концептот за дигитална трансформација на општеството. За тоа како овој концепт ќе влијае на подобрувањето на институционалната транспарентност, Порталб.мк разговараше со експерти од областа и институциите вклучени во овој концепт.

Владите во регионот, на Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во однос на институционалната транспарентност се мониторираат од страна на Фондацијата за општество и интернет – „Метаморфозис“ и партнерите од регионот преку мрежата ACTION SEE. Последното мерење според Индексот на отвореност покажа дека Владата на Република Северна Македонија е позиционирана како најотворена институција меѓу владите во регионот. Според последниот мониторинг за РСМ, најзатворени се органите во состав на Владата, со тоа што годинава има пресвртница, при што најотворена институција од извршната власт повеќе не е Владата (79,14 %), туку Министерството за одбрана (89,72%).

Мила Јосифовска-Даниловска од „Метаморфозис“ вели дека позицијата на Владата се должи само на одржувањето на доследноста на веќе воспоставените добри практики, но не и на нивното унапредување, како и на уназадувањето на отвореноста на владите во регионот поради различните политички процеси.

„Голем предизвик беше делумното спроведување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, што меѓу другото се должи на пандемијата која започна неколку месеци по нејзиниот почеток, поради што приоритетите на сите влади во светот се свртеа кон ублажување на последиците на оваа кризна состојба. Но, тоа не е изговор да не се поттикне отворањето на институциите на извршната власт, кои сепак имаат законски обврски кои произлегуваат од различни политики и процеси кои бараат практикување на активна транспарентност“, нагласува Јосифовска-Даниловска.

Според неа, тековната политичка нестабилност на Западниот Балкан влијаеше врз развојот на политиките и културата на отвореност на владите.

„Иако владите декларативно се посветени на подобрување на отвореноста и транспарентноста, во реалноста се забележува многу мал напредок за јавноста да може да ја разбере и следи работата на властите“, вели таа.

Јосифовска-Даниловска посочува дека во Северна Македонија, и покрај тоа што постојат неколку механизми за зголемување на транспарентноста кон јавноста: Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и други алатки за зголемување на транспарентноста на институциите: Проактивна транспарентност, Насоки за проактивно објавување на информации од јавен карактер за функционери или раководни лица и Насоки за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор, наскоро се очекува и новата Стратегија за транспарентност 2023-2026 година, потребна е поинтензивна и попосветена имплементација, како и зајакнување на улогата на граѓаните со нивната надзорна функција и активно учество во процесите на одлучување и креирање политики.

„Иако имаме добра основа на хартија за зголемување на отвореноста на институциите кон граѓаните, многу е важна практичната имплементација, која во нашата реалност е препуштена на волјата на поединци, бидејќи не се следи систематски, а пропустите и непостапувањето според утврдени правила повеќе не се санкционираат. Декларативно, институциите се залагаат за поголема транспарентност, но во практика само дел од нив активно ги објавуваат сите информации потребни за нивната работа, а уште помал дел суштински ги вклучуваат граѓаните во нивната работа“, нагласува Јосифовска-Даниловска.

Според неа, континуираното инвестирање во внатрешните капацитети е од суштинско значење за оние кои нудат електронски услуги, за да можат соодветно да одговорат на потребите на граѓаните.

Закон има, но застој има во имплементацијата

Во Северна Македонија, врз основа на член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имателите на информации, во овој случај јавните институции, се должни да објавуваат информации од јавен карактер на нивните веб-страници, за истите да бидат достапни за јавноста.

Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер нагласува дека потребата од проактивно објавување на информациите не треба да се ограничува од институциите иматели на информации само на информациите содржани во член 10 од законот.

„Дополнително, сите информации од јавен карактер што ги создале и ги имаат на располагање, треба навреме да се објавуваат проактивно, за јавноста да се запознае со работата на институциите како сервис на граѓаните“, вели директорката на оваа Агенција, Пламенка Бојчева.

Граѓаните можат да поднесат барање за пристап до информации од јавен карактер до институциите доколку истите не се достапни на интернет. Во случај институциите да не реагираат, граѓаните имаат право на приговор до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, каде што нивниот број низ годините е голем.

Бројот на поднесени приговори од граѓаните до Агенцијата, кои се само поради непостапување на државните институции и за информации кои мора да бидат достапни согласно член 10 од Законот за СПИЈК, е голем, и тоа може да се види и на инфографикот подолу.

Владините институции се заинтересирани за транспарентност преку дигитализација, но има забелешки

Впечатокот на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер е дека Владата и институциите се посветени на подобрување на институционалната транспарентност преку дигитализацијата, но дека треба да се работи повеќе во таа насока.

„Сепак, останува забелешката дека треба повеќе да се работи на подобрување на институционалната транспарентност на институциите, со цел тие да работат поефикасно и со објавување на поголем број информации од јавен карактер да се зголеми нивната транспарентност и отчетност. Секогаш има простор за подобрување и транспарентност во функционирањето на институциите“, рече Пламенка Бојчева.

Наведената агенција секоја година ги оценува државните институции и општините во однос на нивната транспарентност. Како што појаснуваат од Агенцијата, во последниот извештај од мониторингот на државните институции, најдобра проактивна транспарентност покажале: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за одбрана и Министерство за финансии.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство минатата година беше меѓу институциите со низок степен на транспарентност, што покажува дека со проактивно објавување на информации имателите можат да ја зголемат својата проактивност и отчетност“, појасни Пламенка Бојчева.

Од Агенцијата нагласуваат дека институциите треба да ја подобрат и да ја зајакнат нивната проактивност кон граѓаните што е можно повеќе, додека информациите што ги објавуваат треба да бидат поставени во посебен банер/линк под наслов СПИСОК НА ИНФОРМАЦИИ/СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ, со што тие ќе им бидат достапни на барателите и со тоа ќе се намали бројот на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи како што посочуваат на многу веб-страни овие линкови се тешко достапни.

Во 2021 година, според податоците на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, околу 55% од 1445-те иматели немале сопствена веб-страница, ниту линк до веб-страницата на која проактивно ги објавуваат потребните информации.

„Се работи главно за помали иматели, како што се: органите во состав, здравствените установи, образовните институции (градинки, основни и средни училишта), јавните претпријатија и некои други правни и физички лица кои вршат јавни овластувања и дејности од јавен интерес, а се иматели кои се должни да го имплементираат Законот, но немаат сопствена веб-страница ниту објавуваат информации од нивниот делокруг“, објаснуваат од Агенцијата, кои им препорачуваат на имателите кои немаат сопствена веб-страница до исполнување на условите да имаат своја веб-страница, во соработка и договор со органите кои ги основале или кои се одговорни за нивното функционирање, да ги објавуваат нивните информации дефинирани со член 10 од Законот за веб-страниците од страна на надлежните иматели.

Концепт за дигитална трансформација на општеството и поголема институционална транспарентност

Владата на Северна Македонија на 21 март 2023 година го усвои Концептот за дигитална трансформација на општеството, со цел интензивирање на активностите за успешна дигитална трансформација на општеството, како предуслов за напредок и во борбата против корупцијата и зајакнување на транспарентноста и доброто управување.

Еден од основните принципи на овој концепт е слободниот пристап до информациите од јавен карактер, при што во документот се наведува:

  • Секој може слободно да пристапи и да ги обработува податоците создадени од работата на јавната администрација (јавни податоци).
  • Со правни процедури може да се ограничи пристапот до одредени јавни податоци (лични податоци и класифицирани информации). Сите ограничувања на пристапот до јавните податоци може да се оспорат на суд.
  • Секоја јавна институција има отворена веб-страница која може да се пребарува и лесно да се пристапи до сите јавни податоци и документи.
  • Службениот весник е информациски систем кој го интегрира процесот на донесување на законите од почетокот на нивното создавање до нивното усвојување и објавување. Системот е отворен и овозможува бесплатен пристап до сите постоечки прописи 24/7.

За да се постигнат целите поставени со Концептот, ќе се формира Агенција за дигитализација, кој ќе биде одговорна за управување со околината за безбедна размена на податоци, поставување стандарди за ИКТ и сајбер безбедност за сите засегнати страни, давање насоки за управување со промените при дигиталната трансформација на администрацијата и подигање на свеста на јавноста за ова прашање.

Мотивите за усвојувањето на овој концепт, како што објаснуваат од Кабинетот на заменикпремиерката одговорна за добро владеење, Славица Грковска беа многубројни и влијаат на многу сегменти од општественото живеење.

„Дигитализацијата може да ја подобри транспарентноста и отчетноста, што ја прави моќна алатка во борбата против корупцијата. Поврзувањето на системите на јавната администрација и размената на податоци во согласност со законите, како што се информациите за тоа дали некое лице починало, ќе придонесе за намалување на можностите за злоупотреба“, велат од кабинетот на Грковска.

За тоа каков е пристапот и динамиката на овие активности и која институција се планира да ги спроведе, од таму велат дека Кабинетот со поддршката на Компонентата за дигитална трансформација на Програмата за дигитализација и отпорност на критичната инфраструктура (Critical Infrastrure Digitalization and Resilience – CIDR), финансирана од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), подготвува Патоказ со акционен план за дигитална трансформација, во кој ќе бидат претставени краткорочни, среднорочни и долгорочни активности за постигнување на целите на дигиталната трансформација на општеството.

„Тимот на Компонентата за дигитална трансформација веќе работи со неколку пилот институции на анализа на потребите за целосна дигитализација на нивните работни процеси. Станува збор за Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука. Откако ќе се направат анализите на терен и ќе се изготви Патоказот, ќе можеме да подготвиме детален акционен план за дигитална трансформација на секоја институција посебно“, објаснија од таму.

Од друга страна, Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, со кој претседава заменик-премиерката одговорна за политики за добро владеење, Славица Грковска, на вториот состанок го разгледа и одобри нацрт-концептот за дигитална трансформација на општеството како вистинска насока за понатамошен развој.

„Советот, во својот делокруг на работа, планира и предлага иницијативи и оперативни планови за дигитална трансформација на општеството. Членови на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството се министрите за внатрешни работи, одбрана, информатичко општество и администрација, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, како и претставници од комисиите во Собранието на Република Северна Македонија, Стопанските комори, од банкарскиот сектор, локалната самоуправа и академската заедница“, соопштија од Кабинетот на Грковска.

Мила Јосифовска-Даниловска од „Метаморфозис“ нагласува дека овој концепт е реален и може да се спроведе во практика, но дека се зависи од различни фактори.

„Но, неговата имплементација зависи од повеќе фактори, меѓу кои и посветеноста на институциите, ресурсите кои ги имаат на располагање и политичко-социјалната ситуација. Овој концепт бара соработка со сите институции, граѓанскиот сектор, бизнис секторот и академијата, со цел да се обезбеди целосна, ефективна и сеопфатна дигитална трансформација која го става граѓанинот на прво место“, рече Јосифовска-Даниловска.

За овој концепт позитивни очекувања имаат и од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Што се однесува до Концептот усвоен од Владата, Агенцијата оценува дека во однос на слободниот пристап до информации од јавен карактер, истиот може да послужи како основа за изработка на поконкретен и попрецизен документ кој ќе биде во служба на граѓаните“, изјави директорката на оваа Агенција.

Отворањето преку дигитализација ја затвора вратата за корупција

Граѓаните, извршната власт, бизнисите ја препознаваат корупцијата како еден од најголемите општествени проблеми. Можно решение за оваа појава според Јосифовска-Даниловска се гледа во искористувањето на придобивките од дигиталната трансформација во смисла на зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите кои суштински придонесуваат за спречување на корупцијата и зголемување на довербата на граѓаните во институциите.

„Дигиталната трансформација е од суштинско значење за подобрување на институционалната транспарентност и комуникација со граѓаните во време кога барањата и очекувањата од институциите се зголемуваат, а ресурсите со кои располагаат не се на завидно ниво. Со ефикасно користење на дигиталните технологии, може да се создаде интегриран систем на јавни услуги што ќе овозможи флексибилно, одговорно и безбедно обезбедување на услуги за сите, како и лесна и транспарентна двонасочна комуникација меѓу граѓаните и институциите“, рече Мила Јосифовска-Даниловска.

Истовремено, додава таа, за да се осигура дека политичката волја нема негативно да влијае на досега постигнатото, потребно е заеднички да се работи на создавање на неколку клучни механизми како што се: независно судство, активно граѓанско општество и независни медиуми, едукација на граѓаните за нивните права, како и спроведување на силни механизми за транспарентност и одговорност.

„Државата преку сите овие механизми може да создаде систем кој е поотпорен на претерувањата на политичка волја и ќе биде поспремна да ги заштити достигнувањата и напредокот постигнат со текот на времето“, нагласува Јосифовска-Даниловска.

Дигитална трансформација, според Кабинетот на Грковска, има потенцијал да ја зголеми институционалната транспарентност и значително да влијае на борбата против корупцијата на неколку начини. Сепак, оттаму нагласуваат дека дигиталната трансформација сама по себе не е лек за корупцијата, таа мора да биде придружена со силни законски рамки, ефективна имплементација и посветеност кон етичко раководење.

Нова стратегија за старите проблеми

Фондацијата „Метаморфозис“ со своето деветнаесетгодишно искуство, преку работа и членство во национални, регионални и меѓународни професионални мрежи, промовира изградба на сеопфатен дигитален екосистем, како и намалување на негативните општествени појави како што е корупцијата.

Владата, со поддршка на Фондацијата „Метаморфозис“ во моментов ја завршува подготвената Стратегија за транспарентност на Владата со Акционен план (2023-2026), во насока на продолжување на позитивните практики на соработка и активна транспарентност дефинирани со претходната Стратегија. Со креирањето на овој стратешки документ ќе се операционализираат и унапредат правилата за комуникација меѓу институциите и граѓаните и принципот на транспарентност.

Од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер посочуваат дека владината Стратегија за транспарентност (2023-2026) сеопфатно ги дефинира обврските и овластувањата неопходни за зголемување на транспарентноста и отчетноста на соодветно ниво, што ќе овозможи поголема одговорност кон граѓаните.

Со неговото спроведување, се очекува транспарентноста и проактивното објавување на информации да бидат столб во секојдневното функционирање на државните институции, а со тоа и побрз пристап до информации од јавен карактер.

„Планирани се повеќе активности кои ќе го олеснат пристапот до информации од јавен карактер преку дигитализацијата, преку: Воспоставување стандарди за обезбедување на транспарентност и минимална отвореност на веб-страниците на институциите. Веб-страници кои имаат унифициран дизајн и содржат специфичен формат за подостапни информации, како и WCAG 2.0 стандардот за пристапност за лицата со посебни потреби. Усогласување на веб-страниците на институциите според утврдените стандарди. Креирање веб-страници за институции кои немаат“, објасни Пламенка Бојчева.

Инаку, Порталб.мк и Мета.мк веќе подолго време пишуваат за проблеми во областа на дигиталната трансформација, како и за институционалната транспарентност.

 

Автор: Фисник Џелили, Порталб.мк

 

Подготовката на текстот е во рамки на синергија помеѓу проектите „Користење на новите медиуми за промовирање на владината транспарентност“ финансиран од Националнен фонд за демократија и „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ финансиран од Фондација Отворено општество-Македонија, кои ги спроведува Фондација Метаморфозис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...