fbpx

САД ѝ донираа на АРМ 1.269 пушки М4, следат набавки на пиштоли, снајперски пушки, хаубици…

-

АРМ доби 1.269 автоматски пушки М4 на подарок од САД, донација во вредност од 1,2 милион долари, како помош во опремувањето на Лесната пешадиска баталјонска борбена група, примарната единица наменета за НАТО операции. Денешното подновување е дел од серијата набавки на вооружување и опрема кои следат, меѓу кои и пиштоли, снајперски пушки со калибар 7,62 мм, пушкомитралези, хаубици, но и веќе најавените лесни оклопни возила.

Истовремено, со оваа донација продолжува и конверзијата, односно промената на калибарот на стандардното пешадиско вооружување од досегашниот калибар 7,62 мм во 5,56 мм НАТО, која почна од поодамна.

– Ова е дел од поголем проект што го финансира владата на САД и којшто ја помага модернизацијата и опремувањето на нашите армиски сили. Со оваа опрема дополнително освен специјалните сили, коишто и досега имаа пушки од овој тип, ќе обезбедиме целосно опремување на нашата лесна пешадија која што не е само македонска единица туку е веќе и НАТО единица и која ја подготвуваме за првото НАТО оценување во 2022 година – рече министерката Радмила Шекеринска Јанковска на денешното примопредавање на донацијата во скопската касарна „Ѓорче Петров“.

Министерката нагласи дека годинава првпат во буџетот за одбрана 25 отсто се издвоени за опремување и модернизација.

– Ова е само еден дел од опремата која што ја примаме, вкупниот број на вакви автоматски пушки изнесува над 2.000, дополнително обезбедена е и заштитна опрема, и елементи коишто припаѓаат на секој војник, како и елементи кои што ги подобруваат нивните капацитети, а во текот на ’22 година очекуваме снабдување и со дополнителен број на средства за вооружување. Целиот овој проект би требало да заврши 2022 година, се работи за дополнителна воена опрема од типот на пушкомитралези, фрлачи на гранати, и придружни, но и заштитни елементи кои што ќе бидат особено корисни за секој наш војник и старешина – додаде Шекеринска.

Одговарајќи на прашање за конверзијата на стандардните калибри на АРМ, Шекеринска рече дека трае подолг временски период и дека е планирана за повеќе од 10 години.

– Ова беше само прилика да покажеме дека ние два состави веќе целосно ги заокружуваме со американска опрема, и со НАТО калибар – рече министерката.

Таа истакна дека во период од една недела, САД и Македонија заедно промовираа инвестиции на полигонот Криволак, потпишаа нов меморандум за одбранбена соработка, и ја вооружуваат АРМ.

И американската амбасадорка Кејт Брнз ја истакна соработката меѓу Македонија и САД.

– Ова е уште еден пример како работиме заедно за да бидеме сигурни дека нашите сили, кога заедно ќе се борат и кога заедно ќе тренираат ќе бидат интероперативни. Ова е заложба вашата армија да биде не само подготвена и активна, како најнова сојузничка во НАТО, туку да биде и добро позиционирана да придонесува заедно со нашите сили. Многу ми е мило што можеме да ја докажеме ширината на нашата соработка со оваа донација. Ние ќе продолжиме да бидеме стратешки партнер во активностите за модернизирање на вашата армија – истакна Брнз.

Македонските и американските трупи имаат историја на заеднички обуки, воени вежби, но и борбени операции, меѓу кои и на силите за специјални операции во „Слобода за Ирак“ и Наменските сили „Феникс“ во операции во Авганистан.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...