Од вежбата „Dragoon-Guardian-17“ | Фото: АРМ

Нов меморандум за соработка во одбраната со САД, втор по постојниот потпишан во 1994 година, потпишуваат денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и помошникот на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања Мара Карлин. Документот ќе биде истовремено потпишан во Вашингтон и во Скопје, а на потпишувањето во Министерството за одбрана присуствува и амбасадорката на САД Кејт Брнз.

„Новиот Меморандум за соработка ќе го замени постојниот Меморандум потпишан во далечната 1994 година и ќе ја отслика новата и исклучително интензивна одбранбена соработка која постои помеѓу двете земји кои остануваат стратешки партнери, но сега веќе и сојузници во НАТО – Алијансата.“, најави Министерството за одбрана.

Покрај меморандумот, со САД се во тек и неколку процедури за набавка на опрема за АРМ. Во јуни се очекува да биде потпишан договор за набавка на оклопни возила, но и за друга опрема и вооружување, меѓу кои и јуришни пушки М4.

Оклопни возила „Страјкер“ од 56. Страјкер бригада на Националната гарда на САД на вежбата „Одлучен удар“ на Криволак во 2019 година | Фото: МО

„Мета“ веќе најави дека преку договор влада-со-влада од САД ќе бидат купени 89 лесни оклопни возила (ЛОВ), пред се наменети за Лесната пешадиска баталјонска борбена група на АРМ, примарна и најголема единица одредена за операции на НАТО. Во 2019 година е потпишан меѓувладин договор за набавка на 33 лесни оклопни возила JLTV (Joint light tactical vehicle – здружено лесно тактичко возило, н.з.) од фирмата „Ошкош“, а до американската влада е доставено и барање за набавка на првите 12 од вкупно 56 оклопни возила „Страјкер“ (Stryker Infantry carrier vehicle – возило за транспорт на пешадија), што го произведува „Џенерал Дајнамикс“. Двете возила се модуларни и можат да имаат различни конфигурации, вооружување и опрема, во зависност од предвидената намена.