Стипендии за средношколците со помал просек преку проектот „Образованието е повеќе од просек 5.0“

Џолев и уметностите

Во четврток истекува рокот за аплицирање за целосни стипендии за новата сезона обуки на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ и Институтот за дизајн и технологија, наменети за средношколците со низок просек.

Ова е трет пат како преку проектот „Образованието е повеќе од просек 5.0“ се поддржуваат средношколците кои изминатата учебна година ја завршиле со просек под 3,9.

Преку овој проект ќе бидат доделени пет целосни стипендии за новата сезона на обуки на оние ученици кои се талентирани и имаат желба и мотивација своето образование да го продолжат во насока на дизајнот и уметноста.

„’Образованието е повеќе од просек 5.0’ е проект започнат во 2016 година, којшто има за цел да укаже дека во образовниот процес треба подеднакво да се вреднуваат сите ученици, затоа што секоја индивидуа поседува свои квалитети и вештини, а должноста на образованието е тие да бидат препознаени и правилно насочени“, велат од „Џолев и уметностите“.

За стипендија може да аплицира секој средношколец со просек помал од 3,9 најдоцна до четврток, 4 март, со приложување на свидетелство од последната учебна година и мотивационо писмо.

Избраните кандидати ќе бидат повикани на кратко интервју, а стипендистите ќе бидат објавени најдоцна до 8 март на официјалната веб-страна на Школата, соопштија од „Џолев и уметностите“.