Преку договор влада-со-влада, Македонија од САД купува 89 лесни оклопни возила (ЛОВ) за опремување на Лесната пешадиска баталјонска борбена група (ЛПБГ), дознава „Мета“ од серија јавно достапни документи. Министерството за одбрана ја потврди набавката на 33 лесни оклопни возила JLTV (Joint light tactical vehicle – здружено лесно тактичко возило, н.з.) од фирмата „Ошкош“, а до американската влада е доставено и барање за набавка на првите 12 од вкупно 56 оклопни возила „Страјкер“ (Stryker Infantry carrier vehicle – возило за транспорт на пешадија), што го произведува фирмата „Џенерал Дајнамикс“, а чија набавка ја потврди Министерството за одбрана.

„Врз основа на Долгорочниот план за развој на одбранбените способности (ДПРОС) 2019-2028 и согласно Законот за јавни набавки во одбраната и безбедноста, во 2019 година е потпишан договор помеѓу нашата и владата на САД за набавка на 33 лесни оклопни возила JLTV, кои се веќе платени и нивната испорака се очекува во текот на 2021 година. Лесните оклопни возила се со погон на сите четири тркала и со соодветен степен на заштита со што ќе се подобрат способностите и интероперабилноста на декларираните состави од Армијата со останатите НАТО земји.“, одговори Министерството за одбрана на прашање на „Мета“.

Според последните достапни информации, АРМ подготвувала спецификација за возилата JLTV, кои се модуларни и можат да имаат различни конфигурации. Се подготвувала документација за типот на вооружување, средствата за командување и контрола, дополнителна заштита кои треба да се вградат во возилата, како и за потребната логистика, резервни делови и обука. Таквото барање треба да се достави до американската влада, односно Стејт департментот, за да се подготват возилата за испорака.

Македонија на САД им доставила и барање за 12 лесни оклопни возила „Страјкер“, со кои македонската јавност последен пат се сретна на вежбата „Одлучен удар“, досега најголемата вежба на АРМ, но се честа глетка на заедничките воени вежби на македонската и американската војска минатите години. Според информациите, се подготвува барањето за дополнителна опрема и вооружување на Страјкерите, кои исто така се модуларни возила и можат да бидат опремени во различни конфигурации.

Министерството за одбрана потврди дека ќе се набават најмалку 56 Страјкери.

„Одлуката е да се набават вкупно 56 ЛОВ Stryker-и  со погон 8 х 8. За реализација на овој проект од страна на Министерството за одбрана е формиран интегриран проектен тим, кој што низ фазите на аквизицискиот процес на набавка, врши  анализа за потребните капацитети и кодот на способности кои што треба да ги имаат декларираните единици на земјите членки на НАТО, вклучително и нашите. Соодветно на тоа ќе се врши дефинирање на видот, бројот и конфигурациите кои ќе обезбедат интероперабилност и ќе ги подобрат способностите и капацитетите“, стои во одговорот.

Но, во моментов не може да се утврди конечниот датум за испорака на договорените возила. Една од причините е и тоа што треба да се утврди како возилата ќе бидат донесени во земјава, но поважна е пандемијата, која, меѓу другото, предизвика и ребаланс на буџетот на Министерството за одбрана, и кратење на парите потребни за набавката на транспортери.

За илустрација, оригиналниот буџет за одбраната за годинава беше околу 165 милиони евра или 1,37 отсто од бруто домашниот производ. Со ребалансот поради пандемијата на КОВИД-19, буџетот беше намален на околу 140 милиони евра, или на 1,27 отсто од бдп.

– Ребалансот на буџетот најмногу се рефлектира врз дел од предвидените проекти од планот за опремување и модернизација кои требаше да започнат оваа година. Истите се одложени за втората половина годинава или за 2021 година – стои во еден од документите кои се однесуваат на опремувањето.

Пандемијата ја одложила и набавката на неборбени возила – 24 теренски и 20 товарни возила.

Според стратегиските документи на Министерството за одбрана, АРМ до 2028 треба да набави 249 лесни оклопни возила на тркала, а покрај нив и специјални возила за специјалните сили и воената полиција, како и неборбени, односно транспортни и теренски возила.

„Согласно Долгорочниот план за развој на одбранбените способности планирано е опремување и на воената полиција во Армијата со „Опрема за воена полиција“ со цел зајакнување на капацитетите. За дефинирање на видот/бројот на опрема и возила е формиран интегриран проектен тим за спроведување на аквизицискиот процес.“, наведува во одговорот Министерството за одбрана.

Овие 249 возила се наменети за Лесната пешадиска баталјонска група, најголема единица декларирана за учество во НАТО операции. Планирано е до крајот на 2024 година да се набават 151 лесно оклопно возило на тркала, а во следните три години уште 98. Првичната проценета вредност на набавката е приближно 250 милиони евра, но без подетална спецификацја за видот на вооружувањето и опремата.

Засега, Министерството за одбрана ја потврди набавката на првично наведениот број од Долгорочниот план за развој:

„Секоја наредна година ќе се склучуваат договори и ќе се набавуваат одреден број на лесни оклопни возила ЛОВ, се’ додека не се достигне предвидената бројка од 151 возило.“

Според долгорочниот план за развој на одбранбените способности на македонската армија, најголем приоритет во опремувањето се набавка на модуларни оклопни возила кои можат да се надградуваат за различни намени, односно лесни оклопни возила на тркала за транспорт и огнена поддршка, командување, извидување, извлекување и медицинска поддршка. Покрај нив, и возила во конфигурација за радиолошко-хемиско-биолошко извидување и за противоклопна борба.