fbpx

Руските санкции не ја загрижуваат Маргарет Атвуд, лауреатка на Струшките вечери на поезијата

-

Министерството  за надворешни работи на Руската Федерација на 14 ноември објави список со сто граѓани на Канада за кои воведуваат „лични санкции“ во знак на одмазда за санкциите воведени од страна на Канада за лица поврзани со режимот на Путин. Меѓу „казнетите“ се државни функционери, аналитичари, новинари и членови на организации поврзани со украинската дијаспора, а и низа уметници како писателката Маргарет Атвуд и холивудскиот актер Џим Кери.

Руското МНР соопшти дека санкциите, кои значат забрана за влез во Русија, се „одговор на практиката, спроведена од режимот на Џастин Трудо, за воведување санкции против руското раководство, политичари и пратеници, претставници на деловните кругови, експерти и новинари, културни личности и сите кои канадските русофобни власти ги сметаат за неподобни“.

Maргарет Атвуд (82) е писателка и поетеса, лауреат на Струшките вечери на поезијата во 2016 година чија светска слава зајакна по емитувањето на серијата „Приказната на робинката“ на Нетфликс, направена според нејзината истоимена дистописка научно-фантастична книга од 1985 г. Авторка е на 18 романи, 18 поетски збирки и 11 документарни книги. Покрај Златниот венец, добитничка е и на Букеровата награда, а последните години редовно ја вбројуваат меѓу кандидатките за Нобеловата награда за литература.

Специјализираниот веб-сајт за издаваштво „Литерари хаб“ укажува дека главниот „грев“ заради кој Атвуд се нашла на списокот на Кремљ е што го потпишала Отвореното писмо на меѓународниот ПЕН Центар против руската агресија врз Украина, со кое над 1.000 членови на ПЕН, меѓу кои и низа живи нобеловци, искажуваат солидарност со украинските писатели, поети, новинари, уметници и целиот украински народ.

И преку своите дела и јавните настапи, Атвуд се има произнесено против сите видови тиранија, при што последнава година ги посочува неуспесите на пропагандата на Путин.

Актерот Џим Кери наводно е санкциониран затоа што твитнал препорака за гледање на документарен филм за рускиот опозиционер Навални.

По објавата на руските санкции против нив, Атвуд и Кери иронично реагираа на Твитер. Прво таа објавила: „По ѓаволите! А баш со Џим Кери планиравме да одиме на палав викенд во Москва. Изгледа дека ќе треба наместо тоа да одиме во Кијив.“

Како одговор, комичарот Кери возвратил дека забраната за влез во Русија за нив двајцата е нешто најлошо, сепак „проблемите на некои си 100 Канаѓани не се толку важни наспроти другите проблеми со кои се соочува светот“, завршувајќи со познатата фраза од филмот „Казабланка“: „Барем секогаш ќе го имаме Париз. Ова е во твоја чест, малечка“.

Политичката аналитичарка и блогерка со украинско потекло Аријана Гиц, која е на 97. место на новиот руски список на санкционирани, односно веднаш пред Атвуд, твитна во врска со оваа ситуација:

„Еве и официјално, ставена сум под санкции од страна на Русија. Mосква се во тешка заблуда ако мислат дека нивните санкции имаат било какво значење за нас, луѓето кои сакаме нивниот зол режим да биде уништен.“

Kанада започна со воведување санкции поврзани со Русија на 17 март 2014 година  преку амандмани на Законот за специјални економски мерки (Special Economic Measures Act) како одговор на првобитната руска агресија врз Украина и анексијата на Крим, заради „тешките повреди на меѓународното право поврзани со руското нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и тешките кршења на човековите права извршени од Русија“.

Овие санкции опфаќаат замрзнување на имот на територијата на Канада, рестрикции на увоз и извоз и финансиски ограничувања. Со списокот кој последните осум години се надополнува преку амандмани опфатени се над 1.090 физички и правни лица, меѓу кои и 32 нови, за кои санкциите се воведени на 10 ноември.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...