НАкС реагира дека измените на Законот за високо образование се вршат нетранспарентно

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Независниот академски синдикат (НАкС) реагира дека со голема загриженост ги следи најавите за измена и дополнување на Законот за високото образование.

Од НАкС велат дека предмет на измени е законот за високо образование од 2018 година кој беше донесен со широк консензус, додека неговата содржина беше предмет на длабоки консултации со сите чинители. Синдикатот реагира дека останува нејасно како дошло до промени на Законот без консултации во високообразовните установи.

„Не видовме документи во кои Националниот совет за високо образование и научно- истражувачка дејност, тело надлежно за креирање политики во високото образование, дава анализа за имплементацијата на овој закон, не видовме документи за нов начин на финансирање на научно-истражувачката дејност, не видовме како Агенцијата за квалитет работи како дел од меѓународната мрежа, не видовме ниту документи во кои се прави пресек на искуствата на пошироката академска заедница“, реагираат од НАкС.

Синдикатот вели дека имало „протечени“ документи кои се однесуваат на измените на Законот за високо образование, иако тие никога не беа јавно објавени. Наводно, тие забележале дека главна промена е да се зголемат мандатите на деканите и ректорите.

НАкС смета дека одбивањето на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири за средба со синдикатот само ја потврдува затвореноста на процесот.

Се подготвуваат измени на Законот за високо образование, но нема официјални информации што ќе се менува