Пред почетокот на учебната година, родителите на основци и на средношколци ги подготвуваат своите деца за претстојната учебна година. Највозбудени се првачињата, кои за прв пат ќе седнат во училишните клупи.
Колку родителите ќе ги чини почетокот на новата учебна година? Мета.мк ги разгледа цените во книжарниците и цените на облеката, кои нормално, варираат и зависат од квалитетот и брендот, но формиравме просечни цени кои би требало родителите да ги платат за да ги подготват своите деца за претстојната учебна година.
Цените на ранците започнуваат од 800 денари, па стасуваат и до 3.000 и 4.000 денари. Сепак, наместо во книжарница, ранец но и други потребни работи, родителите може да ги купат и на тезгите на пазарите, каде што цените на ранците и приборите се поевтини. Ако, пак, се соберат на куп патики, тренерки како и друга потребна облека, родителите би требало во просек да издвојат околу 6.000 денари.
Училишниот прибор е нешто што исто така е потребно да се набави на почетокот на учебната година. Во скопските книжарници цените на материјалите и приборите варираат зависно од фирмата-производител. На пример, цената на молив Faber castel e 45 денари, а цената на молив Junior е 10 денари. Ако се погледнат цените на блоковите за цртање, тие варираат од 60 до 120 денари, тетратка А4 формат е во просек 50 денари, фломастерите се 200 денари, акрилните бои се наоѓаат и за 350 денари, водените боици се 150 денари, а дрвените се од 150 денари па нагоре.
Острилки и гуми има од 20 денари но и по повисока цена, ножички има од 40 и од 80 денари, футроли за моливи и пенкала има од 250 денари, но и од 750 денари. Просечната цена на училишен ранец е 1.500 денари, а таа варира зависно од големината, дезенот и производителот.
„Минатата година имав прваче. На почетокот на школската година за материјали дадовме околу 2.000 денари. Патики и тренерки плус нешто облека чинеа околу 6.000 денари, со тоа што купувавме на попуст, но дел добивме и на подарок. За ранец, прибор, шишенце за вода и кутија за храна дадовме 3.500 денари. Дополнително плативме по 500 денари на почетокот на учебната година за материјали во училиштето“, вели мајка на основец.
Вообичаено, откако ќе започне учебната година, родителите добиваат список со потребни работи кои треба да ги набават, а кои ќе им бидат потребни на децата за работа на часовите, согласно наставните програми по предметите во училиштата.
Она што родителите не го купуваат се учебниците. Во Министерството за образование и наука (МОН), вчера информираа дека учениците во прво, второ, трето, четврто и петто одделение, на стартот на новата учебна година ќе добијат нови учебници по сите предмети. Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во бројка која што ја имаат пријавено самите училишта уште во текот на месец мај.