Во МОН тврдат дека на 1 септември учениците ќе ги добијат потребните учебници

„Учебниците за шесто одделение се во постапка и тие ќе се испорачаат во текот на месец септември, односно веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување“, велат во МОН

Фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Сите учебници кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници, се веќе испечатени и интензивирана е испораката до училиштата, информираат во Министерството за образование и наука (МОН). Од таму уверуваат дека согласно акцискиот план, целосно била завршена испораката во југоисточниот регион, а во моментов учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата.

„Процесот на испорака на сите учебници кои се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение кои ќе се дистрибуираат утре, ќе биде целосно завршен на 1 септември. Оние пак кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на месец септември, односно веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување“, велат во МОН.

Во меѓувреме, како што објави Мета.мк, децата ќе учат од помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб-страницата на Бирото за развој на образованието (БРО), во чија и сопственост се истите.

„Задолжените оператори за испорака на учебниците се максимално ефикасни. Во координација со училишните служби работеа и за време на викендите, а ќе работат и во претстојниот викенд. Интересот на учениците е заеднички фокус на сите нас. Упатуваме апел до јавноста да ги следи информациите кои ги објавува МОН, наместо информациите што ги пласираат други страни, меѓу кои често и докажани центри за ширење шпекулации“, потенцираат во МОН.

Како што веќе објавивме, учениците од прво, второ, трето, четврто и петто одделение на стартот на новата учебна година ќе добијат нови учебници по сите предмети.

„Исклучок ќе биде учебникот по Историја и општество за петто одделение кој како што јавноста знае, повлечен е од употреба поради потребата од технички корекции и корекции на одредени содржини кои не соодветствуваат со реалната состојба. По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека финално не се изработи и достави учебникот“, рекоа во МОН за Мета.мк.

Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во бројка која што ја имаат пријавено самите училишта уште во текот на месец мај.