Учебната година ќе започне без учебници за трето и за шесто одделение, децата ќе учат од помошни материјали

„Постапката за изработка и одобрување на учебници е прилично сложен процес кој може да потрае и неколку месеци“, велат во МОН

Фото: МОН

Учениците во трето и во шесто одделение нема да добијат нови учебници согласно новата Концепција за основно образование, потврдуваат за Мета.мк одговорните во Министерството за образование и наука. Наместо тоа, учениците ќе учат од помошни материјали кои ги изработува Бирото за развој на образованието (БРО).

„Годинава комплетно нови учебници треба да има за трето и шесто одделение, за што изработени се нови наставни програми од БРО и доставени во декември 2022 за трето и во април 2023 за шесто одделение. Со учебниците за трето сме во понапредна фаза на изработка и одобрување, споредбено со оние за шесто одделение, a очекуваме сите учебници во овие две одделенија да бидат одобрени и испорачани набрзо по стартот на новата учебна година. Дотогаш ќе се користат помошни материјали кои ги изработува БРО и ќе бидат достапни во електронска форма“, информираат за Мета.мк во БРО.

Според одговорните во МОН, тие материјали ќе помогнат да се постигнат резултатите од учење кои се определени во секоја тема од наставните програми.

Во министерството информираат дека учениците од прво, второ, трето, четврто и петто одделение на стартот на новата учебна година ќе добијат нови учебници по сите предмети.

„Исклучок ќе биде учебникот по Историја и општество за петто одделение кој како што јавноста знае, повлечен е од употреба поради потребата од технички корекции и корекции на одредени содржини кои не соодветствуваат со реалната состојба. По овој предмет ќе има помошен материјал по кој ќе се изучува материјата додека финално не се изработи и достави учебникот“, додаваат оттаму.

Во седмо, осмо и деветто одделение ќе се користат веќе одобрените учебници од изминатите години, а тиражот ќе биде надополнет со новоиспечатени комплети во бројка која што ја имаат пријавено самите училишта уште во текот на месец мај.

„Јавноста треба да знае дека постапката за изработка и одобрување на учебници, која е уредена со Законот за учебници во основното и средното образование, е прилично сложен процес кој може да потрае и неколку месеци и затоа се случува истиот, за одреден предмет да не се заокружи пред почетокот на новата учебна година. Тоа е така поради разни причини, се случува за предметот да нема интерес за доставување на ракописи од страна на автори и потоа целиот процес мора да се повтори. Се случува и да се достават ракописи за кои рецензентските комисии ќе побараат извесни корекции по кои авторите мора да постапат, што исто така го пролонгира завршувањето на постапката“, објаснуваат во МОН.

Проблем е и немањето рецензенти кои треба да дадат мислење за ракописите.

„Потоа следи разгледување и одобрување од Национална комисија за учебници, па техничко уредување, печатење и испорака. МОН навремено ги спроведува сите постапки за изработка и одобрувања на учебниците. Правиме максимални напори за учениците да го имаат основното средство за совладување на наставната материја по секој еден предмет и новата учебна година ќе биде значително поподготвена во однос на минатите“, велат оттаму.

Инаку, со владина одлука оваа учебна година ќе започне на 1 септември и ќе трае до 17 јуни. За прв пат се воведува и пролетен распуст кој ќе трае една недела, од 29 април до 5 мај.

Учебниците за четврто, петто и шесто ќе ги има и во дигитална форма

Дигитална верзија ќе добијат сите учебници од четврто и погорните одделенија во основното образование и процесот на дигитализација ќе се одвива етапно, додаваат за Мета.мк во МОН.

„Годинава работиме на дигитализација на учебниците за четврто, петто и шесто одделение. Тие ќе бидат прикачени на посебен портал кој е во фаза на изработка и учениците и наставниците со едноставно кликање ќе можат да ги симнуваат и доколку им е полесно, да учат од овие дигитални учебници“, велат оттаму.