Реконструиран студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола со адаптирани услови за студенти со попреченост

Фото: МОН

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека е реконструиран студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола, каде што за првпат се адаптирани услови за студентите со атипичен развој.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска при денешната посета на студентскиот дом појасни дека пред неколку седници Владата ја усвоила информацијата за отварање на програма за инвестирање во сите студентски домови кои што треба да станат енергетски ефикасни, но истовремено и современи и модерни за да можат да бидат користени од сите ученици, вклучително и на оние со атипичен развој и оние кои имаат различни потреби за поинаков и посоодветен пристап до истите тие згради.

„Токму овој студентски дом во иднина ќе го користиме како модел за пристапност, но исто така и за начинот на кој што собите и целата инфраструктура е поставена“, рече Царовска.

Според градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, ова е успешен проект на инклузија.

„Со овој проект се докажува дека сите имаме различни потреби за поддршка, а кога тие ќе се надминат, се добива шанса за поубаво живеење на сите заедно. Денешниот проект е показател на сето тоа дека светот може да биде поубаво место за живеење“, изјави Петровска.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер, истакна дека е овој дом може да биде пример за тоа како треба да да се реконстриураат и останатите домови во државата.