Река од тркачи низ Скопските улици на денешната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ

Во традиционалната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ, претпладнево учествуваа околу 1.000 тркачи. Трката започна и заврши на булевар Илинден, пред фонтаната Лотос, а патеката по која се трчаше беше по булеварот Илинден и дел од булеварот Партизански Одреди.

Победник во машката категорија на овогодинешната десеткилометарска трка е Дарио Ивановски, со истрчано време од 29:58, на второто место се најде Леонид Вандевски, со време од 32:55, а третото место му припадна на Атанас Анчевски, со време на трчање од 33:19. Од женските прва беше Адријана Поп Арсова, со 35:07 минути, второто место го зеде Биљана Кираџиева со 38:40 минути и на третото место заврши Милјана Ристиќ со 39:58 минути.

„Горди сме, што по една година пауза, успеавме да ја организираме оваа прекрасна градска трка и покрај сите препораки и мерки, кои моравме да ги почитуваме, сè со цел да ги заштитиме нашите учесници, но и да се заштитиме самите себеси. Скопје Трча 10КМ, како трка која се одржува од 2017 година, успева да ги сплоти најдобрите тркачи и љубители на спортот. Сите натпреварувачи кои учествуваа на овогодинешната трка се спортисти во одлична форма, кои вежбаат со месеци,“ истакна Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.

Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, заедно со Атлетскиот Клуб „Работнички“ од Скопје и насловениот спонзор HalkBank, а генерален покровител на трката е Агенцијата за Млади и Спорт на Р. С. Македонија. Оваа трка е дел од календарот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и Европската Атлетска Асоцијација (ЕАА).