Регионални центри за подобра ефикасност на промените во средното стручно образование

Извор: Министерство за образование и наука

Министерството за образование и наука (МОН) и УНДП креираа документ со конкретни насоки за тоа како понатаму да се развиваат Регионалните центри за стручно образование и обука, кои треба да бидат водечки образовни установи за стручна подготовка на граѓаните за да се намалува невработеноста. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција со Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, на која беше презентиран развоен Концепт за регионални центри за стручно образование и обука, кој треба да помогне во унапредување на нивната работа и со тоа и во модернизација на системот на стручно образование и обука во државата.

„Од неодамна во земјава функционираат три регионални центри за стручно образование и обука кои се формираа преку трансформација на средните стручни училишта „Моша Пијаде“ во Тетово, „Ванчо Питошески“ во Охрид и „Киро Бурназ“ во Куманово“, рече тој.

Со основањето на овие образовни установи паралелно се работело и на концепт за нивно долгорочно градење и развој. Целта е да има ефективни образовни установи за стручно образование и обука.

Постојаниот претставник на УНДП во државата, Армен Григорјан потенцираше дека регионалните центри за стручно образование и обука се предвидени во Стратегијата за образование 2018-2025 како стратешка определба на Владата и Министерството за образование и наука.

„Се очекува дека формирањето на овие регионални центри за стручно образование и обука ќе се подобри и ефикасноста на реформите на стручното образование и обука преку централизацијата на инвестициите, но и со промоција на иновациите во стручното образование и обука базирани на добри меѓународни практики“, рече Григорјан.