За 24 години самостојна држава и покрај бројните обиди, досега во Македонија има еден успешен референдум на државно и еден на локално ниво и една граѓанска иницијатива за референдум на општинско ниво, но и таа беше неуспешна…
Андреј Жерновски, градоначалникот на Општина Центар се сретна со Никола Рилковски, претседателот на Државната изборна комисија, и со Дарко Алексов од МОСТ, во врска со референдумот што ќе се одржи на 26 април, а на кој жителите на општината Центар треба да одлучат дали ќе се менува фасадата на Градскиот трговски тентар во барок или, пак, ќе остане каква што е сега.
Истовремено, се појавија шпекулации и дека е можно на ниво на Скопје да се организира и т.н. контра-референдум, на кој сите скопјани, а не само центарци, би се изјаснувале за изгледот на ГТЦ.
Одлуката за референдумот се донесе на седница на Советот на Општина Центар, но полемиката настана околу тоа дали треба само жителите на Центар или, пак, сите скопјани да гласаат за изгледот на фасадата на ГТЦ, што отвори сомнеж кај граѓаните дали референдумот ќе биде успешен или, пак, како речиси сите досега, ќе се најде начин тој да не се спроведе или да биде неуспешен.
Единствениот успешен референдум во самостојна Македонија е тој за осамостојувањето на државата од поранешна СФРЈ, одржан во 1991 година. Тогаш, за осамостојување на Македонија гласале 1.079.308 граѓани, односно 95,09 отсто од лицата со право на глас кои на прашањето „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ одговараа со “за“ и „против“.
Неуспешниот обид за референдум од 2004 година беше распишан за граѓаните да се изјаснат во врска со новоусвоениот Закон за територијална поделба на Македонија. Референдумот беше одржан на 7 ноември 2004 година, по барање на 180.545 граѓани со право на глас. На референдумот мнозинството граѓани гласале против новата територијална поделба, но тој бил прогласен за неуспешен поради тоа што на гласање не излегле 51 отсто од вкупното население. Иницијатор на собирањето потписи бил Светскиот македонски конгрес.
Еден успешен и еден неуспешен референдум имаше и на локално ниво.
Успешниот референдум беше во општината Ѓорче Петров, кога жителите на општината одлучија да партиципираат со свои средства во изградбата на фекална мрежа со должина од 40 километри. На гласањето од вкупно 5.117 гласачи, излегле 3.194 или 63 проценти, од кои 98 отсто се изјасниле за самопридонесот.
Два несупешни референдуми во рок од десет години на локално ниво имаше во Штип.
Првиот референдум се одржа во 2000 година, кога заостанатите 90 милиони денари од самопридонесот беше предложено да се искористат за изградба на спортска сала за 3.000 гледачи, која тогаш се предвидуваше дека ќе чини 5,2 милиони марки. Со вториот обид за референдум во 2004 година, средствата требаше да се пренаменат за изградба на вештачко езеро на реката Отиња. Но, поради партиско-политички инает, двата референдума завршија неуспешно.
Најави за референдуми за истите пари во Штип имаше и во 2010 и во 2014 година, но ниту еден не се спроведе.
Еден од ретките примери за граѓанска иницијатива за референдум на општинско ниво е таа од 2009 година, на организацијата „Плоштад Слобода“ од Скопје. Организацијата покрена иницијатива против изградба на каков било верски објект на плоштадот Македонија во Скопје. Оваа иницијатива заврши со неуспех.
Што вели законот:
Член 36
- Референдум на локално ниво распишува советот на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје (во натамошниот текст: советот), по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20 % од граѓаните од општината, градот Скопје и општините во градот Скопје.
- Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува.
Член 65
- Секој граѓанин има право да поднесе приговор поради неправилности во постапката на гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето во рок од 24 часа од денот на одржувањето на рефернумот на локално ниво до Изборната комисија.