fbpx

Контраспин: Џафери заборава дека треба да е одговорен и пред јавноста

-

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во интервју во емисијата Вин-Вин повеќе пати во дебата со новинарката употреби реченица која што почнува со „вие можете да мислите што сакате“, или „вие можете да тврдите што сакате“… Ваквиот однос на Џафери, без притоа во најголемиот број случаи да се обиде да појасни каде е тврдењето погрешно или да се обиде да ги појасни членовите од Устав или Деловник на кој се повикуваше постојано, се спинови и покажуваат дека тој ја заборава и ја потценува и јавноста, пред која, исто така, има одговорност како што има и пред законот, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Одговарајќи на новинарски прашања и на констатација дека „не го спроведува Деловникот“, Претседателот на Собранието Талат Џафери изрече ставови во кои се препознаваат спинови:

Спин: Вие овдека можете да викате што сакате. Можете да викате не го спроведувам Деловникот. Но, не сте вие тие кои што оценувате дали го спроведувам или не. Има соодветни институции. Прво, институцијата е Парламент. Тој што мисли дека не спроведувам може да покрене првично тоа. Тој што мисли дека сум донел погрешен акт има соодветна институција да покрене соодветно. А, што кој ќе мисли, како сака да мисли од она што е надвор од процедура, ниту сум во глава некому да му наметнам мислење, ниту можам да му бранам тоа јавно да го каже…Постапив по Деловникот…

[Извор: ТВ Телма/Вин-Вин – Интервју со Талат Џафери (од 24 мин.), датум: 17.11.2022]

 

Контраспин: Талат Џафери, кој како претседател на Собранието на Северна Македонија е само „прв меѓу еднаквите“, на упорното инсистирање на новинарката да појасни дали постапил по иницијативата на Левица за референдум (околу прифаќањето на условите за т.н. француски предлог за преговарачка рамка, како услов за зачленување на државата во ЕУ), постојано во текот на интервјуто тврдеше дека постапил согласно неговите надлежности, но притоа до крај одби да посочи макар еден детал дали и како постапил. Ова е извртување на вистината односно спин, затоа што Џафери не понуди ниту еден конкретен аргумент во своето тврдење, а плус спинува околу тоа пред кого сноси одговорност за своите постапки.

Исклучена е можноста тој само вешто да се обидувал да го избегне одговорот, затоа што на таква констатација од новинарката по упорното вртење околу темата, тој повторно ја употреби десетина пати кажаната фраза во интервјуто „вие можете да кажувате што сакате“, „кој што сака може да си кажува што сака“… итн.

Прашањето, инаку, беше сосема конкретно. Повикувајќи се на прецизна точка од Деловникот, која вели дека по добивањето на иницијатива треба да постапи веднаш и во рок од два дена да ја пренесе до матичното тело, а во рок од седум дена да го извести подносителот на иницијативата, со констатација „до утре се седум дена, каде сега се препознавате вие во правото да ја држите иницијативата“, Џафери само возврати со „кои седум дена, чии седум дена“? (24.30 мин. од видеото). Потоа, повторно прашува чии седум дена, а на одговорот дека  „во петокот беше поднесена иницијативата, до утре истекуваат седум дена“, тој возвраќа „па што“!?

За да продолжи дека, „јас не ви поднесувам вам известие“…туку „на тој што треба да му поднесам“. По прашањето, „а сте му поднеле ли“, следува одговорот „па сега, постапувам по деловник“.

Од ова е сосема јасно дека Џафери или не ги запазил роковите или постапува по Деловникот на „креативен начин“, како што констатираше и новинарката и по некој друг член веќе донел одлука со која повторно ќе каже дека иницијативата е несоодветна. Тоа, впрочем, стана појасно откако му беше предочено такво сознание како шпекулација и со цитирање на конкретен член од Деловникот и со текст на појаснувањето, што Џафери одби да го потврди или негира.

Овој дел од изјавата на Џафери е избран за оценување и оценет како спин од две причини.

Првата е дека Џафери ја извртуваше вистината со тврдењето дека постапил по Деловникот, а на јавноста дури и по толку минути посветени на ова прашање не ѝ понуди ниту еден аргумент дека навистина постапил, па макар и да каже дека не сака содржината на неговото известување или постапување да го дебатира или да го разгледува со јавноста.

Втората е уште поголем спин, зашто се однесува на одговорноста и како Џафери ја разбира во однос на законитоста на неговите постапки. Претседателот на Собранието или кој било друг избран или именуван функционер има одговорност да биде транспарентен не само во формалниот законскиот  дел, туку и пред оние што го избрале, во овој случај граѓаните. Комуникацијата со граѓаните најмасовно ја остваруваат новинарите и медиумите и таа симбиоза се нарекува јавност. Оттука, со постојано одговарање „вие можете да кажувате што сакате“ или „кој што сака може да мисли и да кажува што сака“, …ама „јас работам согласно Уставот и Деловникот“ и „постапувам согласно Деловникот“, а притоа да не се понудат никакви попрецизни аргументи, е извртување на вистината и спин. Покрај тоа што е спин, тоа е потценување и на значењето на транспарентноста во секое едно демократско општество и потценување на јавноста.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...