РЕДИ Рециклажа на терен, почна селекцијата на отпадот во дел од зградите низ Скопје

Фото: Chapter 4

До сега околу 200 згради во општините Карпош, Аеродром и од други скопски општини се пријавени за новиот проект на РЕДИ Рециклажа за воспоставување на систем за селекција на отпадна хартија и пластика. Од социјалното претпријатие се задоволни од интересот по распишаниот јавен повик до станбени згради и компании за учество во воспоставувањето на системот за примарна селекција на отпад.

РЕДИ Рециклажа на заинтересираните субјекти им нуди канти за селектирање на отпад (пластика и хартија), како и редовно собирање со еколошки возила – електрични трицикли од страна на формализирани собирачи, коишто се вработени во социјалното претпријатие.

„Во изминатиов период, имавме отворен повик за пријавување на згради коишто се заинтересирани и подготвени да селектираат отпад, истите се контактирани и потпишани се договори за соработка со поголемиот дел од пријавените. Со самото потпишување, ги поставивме кантите за селекција на отпад и РЕДИ собирачите веќе се на терен со собирање на секундарните суровини од примарната селекција на отпад која што ја вршат граѓаните“, информираат за Мета.мк од РЕДИ Рециклажа.

Во скопската општина Карпош во неколку згради веќе се поставени канти за селекција на отпадот, од каде што е почнато собирањето на селектиран отпад од граѓаните. Во текот на ноември, ќе се започне и со поставување на канти во зградите во општина Аеродром, велат од РЕДИ Рециклажа.

Од РЕДИ Рециклажа ги потсетуваат станарите вклучени во акцијата дека треба да се селектира правилно, така што ќе се фрлаат отпадоци од пластика и хартија во посебно наменетите канти за нив. Во јавниот повик до станбените згради и компаниите е оставена и можност за селекција на електричен отпад и био отпад.

„Поради локалните избори и новите градоначалници во општините, РЕДИ Рециклажа повторно ќе организира состаноци со градоначалниците на општините каде што сме активни и се надеваме на одлична соработка со истите“, велат од ова социјално претпријатие.

Инаку, проектот на РЕДИ Рециклажа беше промовиран на почетокот од октомври годинава, а Мета.мк за неговата реализација пишуваше изминатово лето. 

Од воспоставувањето на системот за примарна селекција на отпад постојат неколку важни предности. Најпрво, со проектот на РЕДИ Рециклажа се овозможува отпочнување на процесот на формализирање на собирачите на отпад во земјава, коишто изминативе години ја имаат главната заслуга за ѓубрето да се селектира и да не се трупа по дивите и општинските депонии низ земјава. Покрај тоа што ќе бидат вработени, собирачите ќе бидат здравствено и пензиски осигурани. 

Граѓаните во своите згради ќе имаат и сопствени канти за селектирање на отпад, со што ќе придонесат и за зачувување на животната средина преку зголемување на процентот на селектирана пластика и хартија. Иницијативата предводена од социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа се спроведува во соработка со Здружението Гоу Грин и Пакомак.