Собирачите на отпад со новите закони ќе добијат право на придонеси и вработување, вети министерот Нуредини

Фото: Мета.мк

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска рече дека со новата законска регулатива за управување со отпадот ќе се формализираат собирачите на отпад. Станува збор за 3.000 до 5.000 лица од земјава, кои досега работеа непријавени без пензиско и здравствено осигурување и беа предмет на уцени од откупувачите на отпад, додека нивната заработка во голема мерка зависи исклучиво од количеството на собран отпад и движењето на берзанските цени на отпадните материјали.

Министерот Нуредини на тематската прес-конференција за пакетот од шест нови закони што неодамна ги донесе Собранието, рече оти неформалните собирачи на отпад досега придонесувале за селекцијата надвор од воспоставената структура, но во иднина самите собирачи ќе добијат достоинствени услови за работа во секторот за управување со отпад.

Тој го спомена и примерот со промоцијата на новото социјално претпријатие РЕДИ Рециклажа, кое беше презентирано како проект во петокот. Всушност, неформалните собирачи на секундарни суровини играат важна улога во управување со отпадот поради тоа што 80-90 отсто од рециклираниот отпад е собран од нивна страна, на првенствено место отпадната пластика.

„Мета.мк“ изминатово лето пишуваше на темата за социјалната положба во која се наоѓаат неформалните собирачи, како и за новиот проект за основање на социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, преку кое дел од граѓаните во Скопје ќе почнат да селектираат отпад.

Инаку, премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција образложи дека во подготовката на новите шест закони за управување со отпад биле вклучени меѓународни и локални експерти.

„Се погриживме процесот да биде инклузивен и да ги вклучи општините, операторите со отпад и комуналните претпријатија, граѓанските организации, граѓаните. Целта ни беше да создадеме систем кој ќе ги опфати потребите на сите и истовремено и ќе ги опфати високите стандарди за заштита на животната средина“, подвлече премиерот Заев.

Тој посочи дека земјава веќе го чекори патот кон поодржлив пристап кон управувањето со отпад и дека како земја кандидат за членка во Европската Унија, потребно е да се усогласи со европското законодавството и во оваа област.

„Должни сме и кон идните генерации, да го решиме овој горлив проблем кој се таложел со декади, и да го прекинеме синџирот на лошо управување со отпад. Така ќе постигнеме дома да ни биде чисто, а на идните генерации да им оставиме здрава животна средина“, порача премиерот Зоран Заев.

Во однос на новата законска регулатива, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини рече дека во однос на посебните фракции на отпадот, односно за справување со она со што граѓаните се соочуваат најмногу – пластичното пакување, предвидена е забрана за нивна употреба која ќе стапи на сила од 1 декември, а надоместокот од 15 денари за биоразградливи кеси ќе мора да биде евидентиран и пренесен во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање.

Исто така од 1 декември за првпат се воведува и забрана за еднократна употреба на пластично пакување во заштитените природни подрачја во земјава (четирите национални паркови, четирите природни резервати и прогласените споменици на природата).

„Постојат безброј алтернативи од природни материјали, и сметаме дека за почеток, барем во заштитените природни подрачја можеме да покажеме пример со еколошко пакување“, порача министерот Нуредини.