Распишан конкурс „Цртај на македонски јазик“

Акција за цртање графити на легалниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов на тема „Солидарност”, во која учествуваа седум домашни уметници. Фото: Град Скопје, 25 јули 2021

Министерството за култура распиша конкурс за творби за манифестацијата „Цртај на македонски јазик“, чија цел е да се поттикне творештво за да се осовремени и раздвижи културната понуда во земјава. Поточно, идејата е да се создаваат дела со употреба на македонскиот јазик и кирилица, а од страна на млади автори и уметници.

Предлог-проектите може да бидат од уметноста воопшто, но задолжително треба да содржат зборови на македонски јазик и на кирилица, односно може да се конкурира со дела и идеи од категориите: графити; ликовни интервенции во урбан простор; налепници за социјални мрежи (стикери) и за каналите на комуникација, како Инстаграм, Вибер, но и за самостојни или групни изложби.

Локациите на кои што ќе може да се претставуваат проектите и делата може да бидат културни установи, но и јавни и алтернативни простори – дури и руини и нефункционални објекти или простори.

Манифестацијата на претставување на делата „Цртај на македонски јазик“,ќе се одвива од 15 јуни до 5 јули. Право на учество имаат физички лица коишто се државјани на Република Северна Македонија.

Конкурсот е тука.