Претставнички на јавната културна, политичка и општествена сфера раскажуваа „срамотни“ приказни во МКЦ

На крајот од настанот свој настап имаше и „тајниот“ гостин, Кочо Андоновски

Фото: Соња Ставрова

Хрватската новинарка Милена Зајовиќ, диџејката Соња Исмаил, српската забавувачка Декаденца, ПР професионалката Катерина Попова, како и водителките на ПичПрич Ана Василева и Румена Бужаровска, час и половина синоќа ја забавуваа публиката во преполната сала на киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ). Тие раскажуваа „срамотни“ приказни врзани со родовиот, сексуалниот и телесниот срам. Настанот беше насловен како „Срамота!“, а е дел од скопскиот викенд на гордоста и е иницијатива на ПичПрич дуото, Василева и Бужаровска.

Раскажувачките од јавната културна, политичка и општествена сфера раскажаа кратки приказни од нивните животи за срамот кој ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“, како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код.

„Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и се трансформира, исмеаниот станува исмевачот – срамот се враќа назад кон оние што занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција и да понижуваат. Наместо наведната глава и зацрвенети образи, ние даваме отпор. Наместо неподносливото внатрешно гушење, ние пукаме од смеење. Овој настан има намера да го искористи хуморот како моќна алатка за отпор и кршење на општествените норми и притисок што создава чувство на срам кај нас како поединци“, велат организаторките на настанот.

Кога завршија раскажувањата, свој настап имаше и „тајниот“ гостин, Кочо Андоновски, а по настанот диџеј сет имаше Ивана Драгшиќ. Настанот е поддржан од Шведска и Фондацијата Квина тил Квина.