Радмила Живановиќ: Паничната ситуација кај секој од нас развива различни механизми за справување

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека пикот на корона вирусот се очекува да биде за отприлика еден месец, а бројот на заболени да се искачи и до 2.000 лица. Во период кога заразата се шири, така расте и стравот кај населението. Лиценцираниот психолог-психотерапевт во „Психотерапика“, Радмила Живановиќ објаснува зошто човекот во овие моменти се однесува ирационално. Таа потенцира дека ситуацијата со пандемија има реално загрозувачки карактер, а ваквите преживувања со себе носат поголемо искуство, но и страв за сопствениот живот.

„Многу ни е изгубена довербата во системот кој е потребно да нè штити и поддржува и практично остануваме сами на себе, да во тие дадени моменти започнуваме да не разбираме туку да се бориме за да опстанеме, што значи дека бираме и реагираме импулсивно, брзо и ирационално она што ни се чини дека ќе не заштити и ќе ни обезбеди опстанок, не живот“, вели таа.

Таа додава оти од особена важност е заштитата и превенцијата, затоа што ситуацијата во која се наоѓаме носи промени во целосното животно секојдневие, а воедно и неспремност веднаш да се прифатат и разумно да се реагира на одредени ситуации.

„Ние сите сме склони на споредување и не секогаш сме сигурни во информацијата што ја имаме денес, така, доколку еден импулсивно реагира и притоа го добие тоа што му е потребно за да се чувствува посигурно, поверојатно е дека од чувство на загрозеност и страв и другите ќе започнат да го следат, да ги стават идеалите и верувањата настрана и да се осврнат само на инстинкт“, појаснува Живановиќ.

Затоа, поривот да се купуваат енормни залихи од маркетите таа го лоцира во потребата за сигурност, безбедност и обезбедување на опстанок. Вели дека тоа е „трупање за секој случај, да не притреба“ со чувство дека си обезбедуваме поголемо траење.

„Сметаме дека ќе ја надоместиме несигурноста во ваков тип на сигурност, со кое гарантираме физички опстанок, енергија за справување со што и да дојде. Складираме за да се чувствуваме посилни од она големото и невидливото, а многу присутното кога ќе нè пресретне. Во ред е да се направат одредени соодветни залихи, но да се размислува и за другите кои не се во можност да прават залихи“, вели Живановиќ.

Ова е последица од паничната ситуација која кај секој од нас развива различни механизми за справување, односно начини за регулирање на паничниот страв. Таа вели дека не сите механизми се благопријатни и донесуваат до добросостојба, понекогаш и премногу и пребрзо очекуваме работите да се средат.

„Потребно е да се побара психолошка помош доколку гледаме дека не можеме да ја изрегулираме паниката и дека ни создава поголема дисфункционалност на целата ситуација на несигурност. Во овој период, доста колеги психолози се активни и ги споделуваат своите ресурси со сите заинтересирани во однос со справување со паничниот страв. Јас и моите колеги лиценцирани психолози-психотерапевти на „Психотерапика“, организираме психолошка акција наречена #МенталноЗдравјепоДома, и секојдневно ги нудиме сите заинтересирани со адаптирани психолошки интервенции за самопомош во услови на пандемија и изолација“, вели таа.

Живановиќ е децидна дека во овие моменти да се побара и добие психолошка поддршка е од круцијално значење. Особено поради фактот дека принудената изолација во услови на паничен страв ја менува динамиката на системите во кои припаѓаме, нè менува нас и нашите сфаќања на сигурноста и довербата која ја имаме во животните процеси.

„Поради пораст на вознемиреноста, и попуштање или пад на механизмите на контрола и справување со промените, стануваме склони кон силни реакции. Ја знаете онаа дека исплашено животно е најстрашното и најнепредвидливото животно, не знаете кога ќе Ве нападне. Така и ние, и нашите реакции стануваме непредвидливи, склони кон дисфункционални и брзи начини на разрешување, губиме трпение. И многупати тоа е затоа што не можеме да ја замислиме спасоносната иднина или исходот, и бидејќи сме во привидна безизлезност, ние се бориме, касаме и гребеме како да сме во реална безизлезност“, потенцира Живановиќ.

Таа смета дека ова се должи и на начинот на кој до сега сме го живееле животот, на тоа во каков несигурен контекст сме функционирале и до сега, на сите трауматични настани кои ни се имаат случено во блиско и подалечно минато, а се со исклучително значење за нас. Исто така, како што вели таа, зависи и од нашата човечка надмоќ и чувство дека можеме да контролираме сè, па кога тоа не го добиваме ја поместуваме лутината и агресијата кон послабиот, оној кој може да нè трпи и толерира, кон оној со подвластена позиција.

„Оваа ситуација е огромен предизвик за човештвото, за капацитетот за хуманост, за едни поинакви животни вредности, еден поинаков соживот. Како велат и за бракот кога ќе наиде првата голема криза, или ќе се распадне, или ќе се трансформира во уште појака заедница. Така и со сите нас“, заклучува Живановиќ.