fbpx

Радев му го врачи мандатот на Даниел Митов од ГЕРБ за формирање нова бугарска влада

-

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска му го врачи мандатот за формирање на нова бугарска влада на кандидатот за премиер Даниел Митов од коалицијата ГЕРБ/СДС, која што освои најмногу пратеници на неодамнешните парламентарни избори во Бугарија.

„Очекувам во рок од седум дена, според Уставот на Република Бугарија, да предложите состав на Министерскиот совет којшто ќе одговори на очекувањата на општеството за правда, социјален ангажман и економски раст“, ​​изјави бугарскиот претседател Радев.

Кандидатот за премиер Митов по врачувањето на мандатот за формирање на влада изјави дека коалицијата ГЕРБ/СДС официјално ќе ги покани на разговор партиите „Демократска Бугарија“ и „Има таков народ“, јавува „Труд.бг“.

Тој информираше дека најпрво ќе побараат поддршка од оние партии во парламентот коишто им се идеолошки најблиски. Сепак, Митов појасни дека нема да бараат поддршка за новата влада од Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Движењето за правда и слободи (ДПС).

Во меѓувреме, поранешниот премиер Бојко Борисов ги објави имињата на кандидатите за министри во новата бугарска влада. „БТВ Новините“ јавува дека Борисов најпрво  предложил Красимир Каракачанов да продолжи со раководењето на Министерството за одбрана, но самиот лидер на бугарското ВМРО ја одбил ваквата понуда. Поради ова, за вицепремиер и министер за одбрана е предложен Румен Христов од коалициониот партнер СДС. Сепак, Екатерина Захариева е предложена за министерка за надворешни работи и во новата бугарска влада.

Коалицијата „ГЕРБ/СДС“ освои вкупно 75 пратеници во новиот состав на бугарскиот парламент, но е далеку од потребниот минимум од 121 пратеник што се неопходни за да се изгласа новата бугарска влада.

Инаку, од партијата „Демократска Бугарија“ одбија да ја поддржат новата влада што би ја предводела коалицијата „ГЕРБ/СДС“. БСП и ДПС веќе категорично се изјаснија дека се против формирање на нова влада што би ја предводела партијата на Бојко Борисов, а нивниот најголем опонент – второрангираната партија „Има таков народ“ на Слави Трифунов исто го исклучи сценариото да формираат влада со партијата на Бојко Борисов.

Доколку не успеее да формира влада коалицијата „ГЕРБ/СДС“, претседателот Радев има ингеренции да го врачи мандатот за формирање на нова влада на партијата „Има таков народ“. Иако има 51 пратеник во бугарскиот парламент, партијата на Слави Трифунов веќе ја доби поддршката од БСП и ДПС за формирање на новата бугарска влада, во која тие сепак не би влегле коалициони партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...