Photo by Jack Krier on Unsplash

По Движењето за правда и слободи (ДПС), и Бугарската социјалистичка партија (БСП) денеска излезе со став дека би го поддржала формирањето на владата предложена од Слави Трифунов и неговата партија „Има таков народ“. Претседателката на БСП, Корнелија Нинова во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) рече дека ако партијата на Трифунов предложи кабинет и ако му е неопходна поддршка, тогаш бугарските социјалисти се подготвени да му ја дадат. Нинова појасни дека не станува збор за понуда за коалиција, туку за поддршка на владата, пренесува „бТВ новините“.

По само неколку дена од одржаните предвремени парламентарни избори во Бугарија, БСП е втората партија која се понуди за да ја поддржи партијата „Има таков народ“ на Трифунов. Завчера идентична понуда стигна и од Движењето за правда и слободи (ДПС), при што лидерот на партијата Мустафа Карадај посочи дека тие би ја поддржале било која од антисистемските партии што влегоа во бугарскиот парламент, но не планираат да влезат во коалиција со нив.

Лидерката на бугарските социјалисти ја отфрли можноста за коалиција со партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, додека ДПС на Карадај веќе отфрли било каква можност за поддршка на идна влада што би ја предводел ГЕРБ на Борисов или БСП на Нинова. И покрај тоа што партијата „Има таков народ“ со своите 51 мандат, со евентуалната поддршка на БСП со 43 мандати и ДПС со 30 мандати имаат можност да формираат мнозинство од 124 пратеници за избор на нова влада, самиот Слави Трифунов досега не излегол во јавноста со одговор на прашањето дали е подготвена неговата партија да формира влада.

Инаку, и од прворангираната партија ГЕРБ на Бојко Борисов во изјава за бугарските медиуми велат дека имаат амбиција да формираат влада, во која што би останале само „успешните министри“ од претходната влада на Борисов, пренесува Дневник.бг. И покрај тоа што победија на изборите и освоија 75 места во парламентот, засега ниту една друга партија што освои пратеници не му дава поддршка на ГЕРБ во ваквата намера.

И додека бугарските политиколози предупредуваат дека Бугарија може да влезе во политичка криза со одржување на нови парламентарни избори, софискиот весник „Труд“ објави дека бугарскиот претседател, Румен Радев ќе го свика новоизбраниот бугарски парламент на 15 април. Како победник на изборите, Радев треба да му го предаде мандатот за формирање влада на прворангираната партија ГЕРБ, но доколку тие не успеат да формираат влада, тогаш мандатот за да се обиде да добие поддршка од парламентот ќе му припадне на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифунов.

По свикувањето на парламентот од Радев, на првото заседание новите пратеници полагаат заклетва и официјално ја преземаат функцијата. Доколку пропаднат обидите за формирање на влада, претседателот Радев е тој којшто назначува привремена влада што ќе раководи со земјата до одржувањето на нови предвремени парламентарни избори.