Делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Романија, предводена од началникот на ГШ на ВС, генерал-потполковник Даниел Петреску, во рамки на еднодневната официјална посета на Република Северна Македонија, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, информираат од Генералштабот на македонската армија.
Генералот Петреску имал прием кај својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што оствари средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„На средбата со генералот Ѓурчиновски е разговарано за досегашната билатерална соработка помеѓу двете сојузнички НАТО армии и можностите за понатамошно унапредување на истата, особено во областите на заеднички интерес од доменот на обука и вежби и военото образование“, се наведува во соопштението.
На средбата со министерката Шекеринска, на која присуствувала и романската амбасадорката Адела Моника Аксинте, министерката даде поддршка за учество на Армијата на Северна Македонија во командата на Мултинационалниот корпус – југоисток, со седиште во Романија.
За време на официјалниот состанок, делегацијата од ВС на Романија била запознаена со процесот на трансформација и модернизација на Армијата на Република Северна Македонија и досегашниот придонес и учество на припадници од Армијата на Република Северна Македонија во меѓународните вежби и мисии предводени од НАТО.
Воедно, станало збор и за капацитетите на армискиот полигон „Криволак“, каде ќе се изведува претстојната вежба „Одлучен удар 21“, како дел од големата вежба на НАТО “Defender Europe 21” чии активности се изведуваат во 16 земји на Европа, меѓу кои и во Романија.
НГШ на ВС на Романија, за време на посетата, оствари средба со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, a ќе посети и дел од единиците на Армијата стационирани во касарната „Илинден“, при што ќе присуствува на изведба на показна вежба од страна на Баталјонот за специјални сили, а ќе го посети и Центарот за обука за пилоти каде ќе му бидат претставени капацитетите и можностите на овој современ центар за обука на пилоти на хеликопери.
Досегашната соработка на Армијата на Република Северна Македонија со ВС на Романија, која започнува од 1998 година, се развива преку експертски средби, заедничко учество на вежбовни активности и обука, соработка во военото образование и учество во регионални иницијативи и форуми, информираат од Генералштабот на македонската армија.