Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Венко Филипче денеска е во посета на Србија каде што се сретна со српскиот министер за здравство Златибор Лончар. На средбата било разговарано за повеќе прашања поврзани со пандемијата, како и взаемната соработка помеѓу двете држави при процесот на надминување на коронавирусот во двете земји.

„Дозволете да изразам благодарност на тоа што Србија ширум ни ги отвори вратите да бидат вакцинирани и нашите граѓани заедно со српските граѓани овде во Србија и со тоа направи еден огромен чин на пријателство посебно во временски перод кога никаде во светот вакцините не стигнуваат со потребна и пожелна брзина а тој процес Србија навистина го реши феноменално,“ изјави Филипче.

На денешниот состанок беше донесена одлука, Институтот „Торлак“ да биде стратешки партнер на државата при идните набавки на вакцини и во периодот кој следува.

„Многу е веројатно дека оваа пандемија нема туку така да запре, многу е веројатно дека оваа вакцина ќе стане сезонска. Со ваквото партнерство обезбедуваме долгорочна соработка и стабилен извор на вакцини. Благодарение на министерот Лончар, премиерката Брнабиќ и посебно претседателот Александар Вучиќ, преку донацијата на вакцини од Србија ние го започнавме процесот на имунизација кај нас. Заради овој пријателски гест, Владата донесе одлука, сите српски граѓани да бидат ослободени од плаќање на патарини од 15 јуни до 15 август, тоа е оваа сезона во која голем број на српски граѓани традиционално патуваат и во Северна Македонија и према Грција,“ изјави Филипче.