Граѓани, активисти и членови на движењето „Протестирам“ денеска повторно излегоа на протестен марш низ улиците на Скопје, за да го искажат својот револт од актуелната власт и да бараат оставка од премиерот Никола Груевски.
Извикувајќи „Оставка“, „Нема правда – нема мир“ и носејќи транспарент со натпис „Од 5 мај до крај“, демонстрантите маршот го почнаа од приодот кон Владата, на булеварот Климент Охридски и се упатија кон Министерството за правда, од каде продолжија кон Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
– Главна цел е да се даде глас на граѓаните и да се укаже дека општествената ситуација е – народот, против една корумпирана авторитарна врхушка на власт. Ги повторуваме нашите барања, оставка на Груевски, правна одговорност, поддршка на осудените и на приведените од 5 мај па наваму и трето барање е да не се дозволи козметичка промена на власта, туку мора да има суштински промени – истакна активистот Анастас Вангели, пренесува „Нова ТВ“.
Од „Протестирам“ упатија повик до граѓаните од целата држава да излезат на улица и да го изразат својот револт.
„Ги повикуваме сите наши сограѓанки и сограѓани да излезат на улиците! Оние кои не се во Скопје, ги охрабруваме да се самоорганизираат во своите места на живеење низ Македонија и во дијаспората и на свој начин, со протест, да го изразат сопствениот револт! Да протестираме против отстапки за насилството и за неправдата, со пораки за мир и за правда против авторитарната култура“, стои во повикот на „Протестирам“.