Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар во моментов врши увид на локација на падините на планината Бистра, во близина на селото Гари, каде што попладнево било пронајдено уште едно мртво тело, соопштија од Јавното обвинителство.

„Надлежниот обвинител веднаш издаде наредба за обдукција на пронајденото тело, која ќе се врши на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија во Скопје“, стои во соопштението од обвинителството.

Инаку, машки труп во распаѓање беше пронајден и вчера на непристапен терен меѓу селата Лазарополе и Гари. Првичните сознанија, како што соопштија вчера од Обвинителството, упатуваат на тоа дека починатото лице е најверојатно еден од двајцата изчезнати – татко и син, по кои се трагаше во изминатиов период на падините на планината Бистра.

„Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство – Гостивар ги очекува резултатите од обдукцијата на првопронајдениот машки труп во распаѓање, а за кого првичните сознанија упатуваа дека е еден од двете исчезнати лица – татко и син. Реултатите од обдукцијата треба да го утврдат точниот идентитет, како и да ги расветлат причините за смртта на двете лица. По добивањето на официјалните резултати од Институт за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Основното јавно обвинителство – Гостивар ќе ја информира јавноста“, стои во денешното соопштение од Јавното обвинителство.