Официјално беше кажано дека Вања била застрелана

Значи, причината за смртта на Вања, според официјалните информации споделени од министерот за внатрешни работи, е прострелна рана, а не задушување, како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме, а која таквите тврдења ги поткрепува со „свои извори од истрагата“

Фото: Колаж, Мета.мк

Причината за смртта на Вања, според официјалните информации споделени од министерот за внатрешни работи, е прострелна рана, а не задушување, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме, а која таквите тврдења ги поткрепува со „свои извори од истрагата“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која беше грабната и убиена, се задушила во вреќа за спиење, а подоцна било пукано во неа.

Објавата споделува напис кој пренесува детали од тоа како Вања била киднапирана, ставена во вреќа и убиена. Но, она што во написот се нагласува, а повикувајќи се на свои извори од истрагата, е дека Вања прво се задушила во вреќата, а потоа било пукано во неа.

Двете возила, во цитроенот е грабната Вања, друготот Рено вози напред се упатуваат кон Општина Бразда. Сопартијците на Палчо точно знаат каде и е гробот, а полицијата ја откопа вчера. Спред неофицијални информациии на Алфа од истрагата, таа се задушила во вреќата за спиење а потоа било пукано во неа. Според исказите на дел од осoмничените Вања била убиена во 10 часот истиот ден кога е киднапирана, стои во написот.

Написот, иако пренесува информации од МВР според исказите на осомничените, дека тинејџерката била убиена во 10 часот, сепак во една реченица шири дезинформација дека таа прво се задушила, па потоа била застрелана.

Ваквите информации не се точни, а тоа го потврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во два наврати. Првиот пат на заедничката прес-конференција со јавниот обвинител Гаврил Бубевски  која се одржа во понеделникот (на 4 декември) и вториот пат на прес-конференцијата на 6 декември на која соопшти дека во Турција е уапсен првоосомничениот за грабнувањето и убиството на Вања, Љупчо Палевски-Палчо.

Спасовски на 4 декември информираше дека 14-годишната Вања Ѓорчевска била грабната на излегување од дома, во влезот на зградата, ѝ биле врзани рацете и нозете, била ставена во вреќа за спиење и ставена во гепек.

Киднаперите претходно вечерта од таткото биле информирани дека Ѓорчевска ќе оди на училиште сама и кога ќе излезе.

Како што кажа Спасовски, Ѓорчевска е киднапирана со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол. Убиецот ја убил исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започната истрага по пријавата.

Спасовски на 6 декември, одговарајќи на новинарско прашање, а откако во јавноста се појавија дезинформациите дека таа прво се задушила, потврди дека Вања починала од прострелна рана.

Точниот наод од обдукцијата ќе покаже, меѓутоа прострелна рана е во прашање, рече Спасовски.

Значи, причината за смртта на Вања, според официјалните информации споделени од министерот за внатрешни работи, е прострелна рана, а не задушување, како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме, а која таквите тврдења ги поткрепува со „свои извори од истрагата“. Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата е делумно неточна.