Промовиран нов водич за заштита на детските права во основно образование

Коалицијата на младински организации „СЕГА“ промовираше „Водич за ученичко учество, ученичко организирање и заштита на детските права во основните училишта“, за полесна примена на одредбите од Законот за основно образование кои се однесуваат на ученичко учество и организирање.

„Преку овој проект, во текот на една декада, значително се придонесе кон подобрување на примената на Конвенцијата за правата на детето во нашата држава. Од една страна, се воспоставија системски промени кои гарантираат дека гласот на учениците во училиштата ќе биде слушнат, а од друга страна, се придонесе кон подобро препознавање и почитување на правата на децата од страна на возрасните“, изјави извршниот директор на „СЕГА“, Зоран Илиески.

Главната цел на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“, кој се спроведе во периодот од 2011 – 2019 година беше да се подобрат знаењата и вештините на учениците во основните и средните училишта за практикување на правото на учество во училишниот живот.

„Со проектот, Коалицијата „СЕГА“ се стремеше да обезбеди услови за демократско учество на учениците во образовниот процес, но исто така се стремеше и да ги зајакне компетенциите на наставниот кадар за да се обезбеди континуитет и одржливост на поддршката на учениците како еднаков партнер при донесувањето на битни одлуки. Во текот на деветгодишниот проект, „СЕГА“ директно работеше со 36 училишта (19 средни и 17 основни) и ги подобри знаењата за детските права на 55.389 ученици“, се вели во соопштението.