Најавувајќи го денешното рочиште на судењето против Мариглен Демири поради учеството во минатогодишните протести од „Шарената револуција“, Левица порача дека постојаните притисоци нема да ја скршат. Демири е дел од раководството на партијата.
„Протестите одамна завршија, но судскиот прогон против истакнати членови на Левица продолжува. Покрај Мариглен Демири, судски процес за учество на протестите се води и против нашите членови Здравко Савески и Владимир Куновски. Левица претставува трн в око за многумина. Се применуваат различни методи за да се спречи нејзиниот пораст, посуптилни и помалку суптилни. Помеѓу тие методи е и поведувањето судски процеси против членови на Левица и нивно одолжување до недоглед. Но ние порачуваме: нема да потклекнеме, нема да нè скршите! Нашето време доаѓа“, порача Левица.
Инаку, Демири е обвинет за демолирање на Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов за време на протестите на „Шарена револуција“ во април минатата година, против одлуката на претседателот да аболира 56 политичари и нивни соработници.