Продолжува имплементацијата на Фулбрајт програмата за академска размена

Годинава има можност за поголем број партиципиенти споредбено со изминатите години, со оглед на тоа што е зголемено финансиското учество во програмата

Фото: МОН

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и амбасадорката на САД Анџела Агелер потпишаа меморандум за продолжување на имплементацијата на Фулбрајт програмата за академска размена.

„Двете страни ја согледуваме корисноста од Фулбрајт. Размената на знаења и искуства е секогаш добредојдена и за САД како водечка земја во светот во многу области и по многу параметри, а особено за Северна Македонија како земја во развој, која се труди да ги следи глобалните образовни и научни трендови и стандарди“, изјави министерот Шаќири.

Интересот за студиски или истражувачки престој во САД е голем, затоа што секоја година околу 40-тина американски универзитети се рангираат меѓу најдобрите 100 во светот.

Годинава има можност за поголем број партиципиенти споредбено со изминатите години, со оглед на тоа што е зголемено финансиското учество во програмата.

„Меморандумот за разбирање што Стејт департментот на САД и Министерството за образование и наука го потпишуваат денес, во основа е за две работи: образование и разбирање. Со зголемување на својот придонес во програмата Фулбрајт од 150.000 на 260.000 долари, Министерството инвестира во луѓето и иднината на Северна Македонија“, нагласи амбасадорката Агелер.

Таа рече дека од 1991 година, повеќе од 350 граѓани ја искористиле можноста да студираат во Соединетите Држави преку програмите Фулбрајт, а потоа се вратиле во матичната држава за да помогнат во градењето поздрава економија и подобар животен стандард.

Посочувајчи дека алумни на Фулбрајт денес се активни во владата, академијата, науките, финансиите и речиси секој сектор од општеството, амасадорката Агелер наведе дека и повеќе од 270 Американци ги продолжиле академските определби овде и се вратиле во Соединетите Држави со новооткриено разбирање за улогата и вредноста на Северна Македонија во Европа и важноста на нашите билатерални односи.

Министерот Шаќири потенцираше дека вложувањата во образованието и науката немаат алтернатива а Соединетите Американски Држави остануваат еден од најголемите поддржувачи во заложбите на државата да се интегрира во развиениот свет.