Претседателката на Харвард даде оставка, обвинета за антисемитизам и плагијаторство

Kлодин Геј беше критикувана за нејзините одговори на сведочењето пред Конгресот околу справувањето со антисемитизмот на кампус по војната во Израел, но некои сметаат дека таа била жртвено јагне на политички игри

-

Претседателката на Универзитетот Харвард, Клодин Геј, поднесе оставка откако беше критикувана за нејзините одговори на сведочењето пред американскиот Конгрес, односно за начинот на кој се справила со наводниот антисемитизам на кампусот од страна на студентите кои протестирале во поддршка на Палестина по нападот на Хамас врз Израел и израелската контраофанзива.

Дополнително, таа беше обвинета за плагијаторство на делови од својот докторат, известуваат Би-би-си, Гардијан и Си-ен-ен.

По само шест месеци на функцијата, Геј најави оти ќе продоложи да работи на универзитетот.

На сведочењето пред Конгресот, Геј, заедно со претседателките на Универзитетот во Пенсилванија и на Институтот за технологија во Масачусетс, беа критикувани дека недоволно прецизно и јасно одговарале на тоа дали повикувањето на геноцид на Евреите од страна на студентите кои протестираат претставува насилство. Кратко по рочиштето, претседателката на Универзитетот во Пенсилванија даде оставка.

Двајца експерти за плагијаторство за Си-ен-ен потврдиле оти делови од докторатот на Геј спаѓаат во дефиницијата на плагијат. Таа користи речиси цели делови од книга на авторот Дејвид Кенон.

Кенон, пак, не го смета делото на Геј за плагијат, велејќи дека станува збор за дефинирање основни термини и дека дури би било непрецизно да не се користат слични зборови, како што користеле и тој и Геј.

Но, експертите за плагијаторство велат дека мислењето на оригиналниот автор не може да биде фактор за тоа дали нешто ќе се смета за плагијат или не. Според Мајкл Дауерти, професор и автор кој има пишувано за плагијаторство, главниот проблем е што читајќи го текстот, читателот не може сам да одреди „чии зборови“ чита.

Сепак, експертите велат оти ова релативно „ниско“ ниво на плагијат најверојатно не би довело до ваков епилог во други случаи.

Гардијан, Би-би-си, како и претставници од Харвард потенцираат дека речиси сите лица кои јавно ја оцрнуваа Геј, првото лице со афро-американско потекло и втората жена на чело на Харвард, биле крајнодесничарски републиканци.

Имено, на рочиштето, најконтроверзните работи кои биле кажани од претседателките на образовните институции биле одговори на прашања на републиканската конгресменка Елиз Стефаник, про-Трамп републиканка.

Таа барала да одговорат со „да“ или „не“ на, според Гардијан, тенденциозни прашања.

На пример, Стефаник ја прашувала Геј околу скандирањата на некои од демонстрантите на факултет за „глобална интифада“. Терминот „интифада“, што најчесто се преведува како „побуна“ или „востание“, се користи за да се опише палестинскиот отпор против Израел во 1980-те и 1990-те години.

„Разбирате дека употребата на терминот „интифада“ во контекст на израелско-арапскиот конфликт е навистина повик за насилен вооружен отпор против државата Израел, вклучувајќи насилство врз цивилите и геноцид врз Евреите“, ѝ посочила Стефаник на Геј.

Но, според Гардијан, поистоветувањето на интифадата со геноцид е тенденциозно, бидејќи протестите на Палестинците во 1980-те години биле главно мирни и не таргетирале израелски цивили. Во втората интифада, во 2000-те години, имало зачестен број на терористички напади, во кои загинале околу 1.000 Израелци. Сепак, тоа не се совпаѓа со законската дефиниција за геноцид.

Оттаму, Стефаник беше критикувана како лицемерна.

„Како може Елиза Стефаник да држи некому предавања за антисемитизмот кога таа е најголемиот поддржувач на Доналд Трамп, кој постојано кокетира со антисемитизам? Таа не го критикуваше Трамп кога тој вечераше со Канје Вест и Ник Фуентес“, изјави демократскиот конгресмен Џејми Раскин.

Во однос на обвинувањата за плагијаторство, клучен актер е Кристофер Руфо, десничарски активист, кој прв јавно го обелодени плагијаторството на Геј. Руфо е познат активист и еден од главните критичари на т.н. „критичка теорија на раса“, односно идејата дека расните проблеми во САД се системски. Руфо и неговите истомисленици, вклучувајќи го поранешниот претседател Доналд Трамп, често креваат паника околу тоа како наводно се предава оваа идеја во американските школи.

Дополнително, Руфо смета дека Геј била одбрана за претседателка на универзитетот поради „исполнување квоти“ за разноликост врз основа на раса, род и други категории, а не поради нејзините академски достигнувања. Ваквиот наратив спаѓа во ист кош со неговата критика на „критичка теорија на раса“, односно во сеењето страв дека американските вредности се во пропаст, во име на нови либерални вредности.

„Ја започнавме приказната за плагијатот на Клодин Геј од десницата. Следниот чекор е приказната да се прошверцува во медиумскиот апарат на левицата, легитимизирајќи го наративот на централно-левичарските актери кои имаат моќ да ја соборат“, напишал Руфо во објава на социјални мрежи во декември.

Според познатата авторка Селест Инг, Геј е жртвено јагне во политичките игри на тие кои се противат на либерални вредности и Харвард не застанал доволно цврсто зад неа.

Се воскреснува стара теорија на заговор за депопулција базирана на документарец на руски јазик

Изнесените тврдења во објавата, дека пандемијата на ковид-19 била програма на СЗО креирана од Рокфелер за депопулација, а спроведена од Бил Гејтс и Ентони Фаучи, всушност се дел од една стара...

Депонија за стари возила во близина на Полициската станица и на Основниот суд Куманово, надлежните ветија решение

Просторот кој се наоѓа зад Основниот суд Куманово и во близина на Полициската станица е претворен во напуштен простор каде со месеци се паркирани многу стари возила. Граѓаните бараат тој простор...

Израел ослободи повеќе од деведест Палестински затвореници по договорот за прекин на огнот

Деведесет палестински затвореници беа ослободени утрово како дел од договорот за прекин на огнот. Ослободените од израелските затвори вклучуваа 69 жени и 21 тинејџер од Западниот Брег и Ерусалим, според податоците...

Црквата што наводно го преживеала пожарот во Лос Анџелес е дело на вештачката интелигенција

Вистиномер никаде не успеа да најде информација и кредибилна вест во некој од светските медиуми дека ваква црква го преживеала пожарот во Лос Анџелес. На веб-страницата Сhurchtimes.co.uk има текст за тоа кои цркви биле...

Се воскреснува стара теорија на заговор за депопулција базирана на документарец на руски јазик

Изнесените тврдења во објавата, дека пандемијата на ковид-19 била програма на СЗО креирана од Рокфелер за депопулација, а спроведена од Бил Гејтс и Ентони Фаучи, всушност се дел од...