Пропадна и последниот тендер за Чебрен, дведецениската сага продолжува

Министерката за животна средина Каја Шукова информираше дека понудата на „Архиродон“ не е повеќе активна и дека ќе биде доставена информација до Владата целата постапка да се поништи откако грчката фирма не ја продолжи банкарската гаранција која истекла на 31 декември минатата година

Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

Пропадна и 14. тендер за изградба на хидроелектраната Чебрен на Црна река, откако грчката фирма „Архиродон“ не ја продолжи банкарската гаранција која истекла на 31 декември минатата година, со што дведецениската сага поврзана со изградбата на овој енергетски капацитет веројатно ќе има и петнаесетто продолжение.

Министерката за животна средина, Каја Шукова денеска информираше дека понудата на „Архиродон“ не е повеќе активна и дека ќе биде доставена информација до Владата целата постапка да се поништи. Грчката компанија, додека била активна банкарската гаранција, требало да потпише договор за заедничко вложување со ЕСМ, но тоа не било направено и покрај потсетувањата кои биле упатени од Министерството. Тоа било услов за продолжување на постапката, но од грчката компанија, како што посочи Шукова, воопшто и не одговориле на ова барање, ниту пак доставиле образложение кои се причините што не ја продолжиле банкарската гаранција.

„Компанијата упати жалба и бараше дополнителни услови за обезбедување подобри можности за да обезбеди средства како банкарски заеми со кои ќе ја гради хидроелектраната. Владата го одби барањето бидејќи тие дополнителни услови не беа дел од тендерската документација, и со тоа ќе создадеше ситуација на нерамноправност за другите учесници во тендерот“, рече Шукова.

Таа посочи дека Владата и Министерството немаат официјална информација кои се причините што „Архиродон“ не ја продолжиле постапката, но смета дека веројатно во овие услови компанијата не можела да обезбеди заеми од банките, со оглед на промените кои се случија од 2020 година па досега, светската економска криза и новите услови кои постојат на пазарите.

Шукова информира дека Владата нема да ја активира банкарската гаранција, бидејќи грчката компанија со продолжувањето на рокот на тендерот заради траењето на жалбената постапка до 15 јануари годинава, всушност сè уште имала време за потпишување на договорот за заедничко вложување и официјално не го одбила, ниту се повлекла. Таа само дозволила да истече гаранцијата и не ја обновила, со што понудата автоматски станала неважечка.

Во врска со реализацијата на овој голем проект и дали треба да се гради со концесионер, како што беше последниот случај или да го гради државата, Шукова смета дека одлука треба да донесат експертите кои што се занимаваат со енергетика.

„Повеќе од 20 години и се спроведува процесот за Чебрен. Сметам дека многу време измина и дека сите експерти кои работат во енергетскиот сектор треба да седнат и да размислат како треба овој процес да продолжи. Дали треба да се распише нов тендер за концесионер или да го гради државата. Тоа не е во доменот на Министерството, ние само може да потврдиме дека се работи за еколошки проект, кој нема сериозно да влијае на биодиверзитетот и животната средина“, рече Шукова.

Последните месеци проектот и одлуката на Владата да го гради странска компанија-концесионер беа на удар во јавноста. Дел од експертите се против овој договор за кој сметаат дека е штетен за државата и дека е многу подобро проектот, кој се проценува дека ќе чини до милијарда евра, да се реализира со пари од државниот буџет.