Лука Павиќевиќ, стипендист на „Харвард“: Дигитализацијата значително ги олеснува студиите

Системот за пријавување испити е целосно различен од системот кој го имаме во Македонија. Мошне е едноставен, целосно е дигитализиран не изискува одење по канцеларии или одење на студентски прашања, туку сите информации се добиваат на мејл или на платформата „Мy Harvard“. Нема посебна процедура која налага трошоци за самиот испит, вели Лука

Лука Павиќевиќ, доскорешниот претседател на Сојузот на средношколци, од оваа година академска година е бруцош на најпрестижниот универзитет во светот, „Харвард“. Иако е на почеток на студиите, неговиот професор по Политика на американското образование, Пол Питерсон, веќе го ангажирал како негов истражувачки асистент.

Со Лука поразговаравме за тоа како е да се биде македонски студент на најстариот универзитет во САД, за дигитализацијата и системот на оналјн услуги, за омилените предмети и професори. Класот од кој е дел Лука е „најмеѓународниот“ во тривековната историја на универитетот, односно 16 отсто од студентите се од земји надвор од САД, а 84 отсто се Американци.

„Студирам Историја, настава на овој универзитет посетувам благодарение на стипендијата која ја добив од Факултетот за науки и уметности, кој е најголемата организациска единица на „Харвард“. Услови за запишување не се само одличните оценки и добриот просек, односно солидните академски резултати, туку од кандидатите се бара да докажат дека во нивното средно образование, покажале и соодветен воннаставен ангажман“, вели Лука.

На овој универзитет во моментов има тројца студенти од Македонија, двајца на додипломски студии и еден на мастер студии.

„Можеби некој ќе каже дека оваа бројка е мала, но јас знам да се пошегувам – ако оваа бројка ја поделиме со бројот на население во Македонија и потоа ги споредиме добиените резултати со населенијата од другите балкански земји, ние сме лидер во регионот ако гледаме по студент по глава на жител“, додава Лука.

За професорите вели дека се врвни експерти од нивните области и дека се многу достапни, отворени и желни да им помагаат на студентите и да комуницираат со нив.

„Системот за пријавување испити е целосно различен од системот што го имаме во Македонија. Мошне е едноставен, целосно е дигитализиран не бара одење по канцеларии или одење на студентски прашања, туку сите информации се добиваат на мејл или на платформата „Мy Harvard“. Нема посебна процедура која налага трошоци за самиот испит“, појаснува тој.

Универзитетот има петнаесет библиотеки, секоја со своја специјалност. Сите предмети, книги и целата дигитална опрема и микрофилмови што библиотеките ги имаат се достапни на виртуелен каталог, кој на студентите им е достапен на Интернет. Студентот може преку својот личен уред да види во реално време дали одредена книга е достапна, колку копии има од неа и слично.

„Библиотеките се навистина флексибилни, но и дигитализирани не само од аспект на пристап до онлајн книги, туку имаме можност преку онлајн услуга да побараме книга и истата во копија да ни биде доставена до локацијата која ни одговара“, додава Лука.

Негови омилени предмети се Политика на американското образование, како и предметот Семинар по историја – Устави, права и империја.

„Вториот предмет е всушност наменет за докторанти, но мене ми беше дозволено да го слушам, иако сум бруцош. Овој предмет ги анализира односите меѓу британскиот устав и уставите на 13 сојузни држави и на Уставот на САД. За мене ова е голем предизвик бидејќи бара да читаме по една книга неделно, за која потоа разговараме на предавањата“, додава Лука.

Во врска со плановите за иднина, тој вели дека планира да продолжи со академска работа. Откако ќе дипломира, планира да продолжи на втор циклус студии, а крајна цел му е да се стекне со докторското звање по историја и да се вработи како универзитетски професор на некој од светските факултети.

„Овој семестар сум ангажиран како истражувачки асистент на професорот Пол Питерсон кој ми предаваше Политика на американското образование. Му помагам во изработка на неговиот истражувачки труд, кој ќе опфати тема од американското образование, која ги разгледува најголемите предизвици со кои нивниот образовен систем се соочувал изминатите неколку децении“, објаснува Лука.