Македонските граѓани ќе можат да вложуваат во вредноста на акциите на најголемите светски компании, преку животното осигурување „лајф инвест“, што е нов производ на „Винер лајф“ и „ВФП фонд менаџмент“.
Парите на македонските осигуреници ќе бидат вложени во инвестициски фонд, чии акции котираат на американската, швајцарската и на германската берза.
– При создавањето на овој производ, ги имавме искуството и знаењето на другите пазари каде има многу голем успех. Инвестициските фондови и странските пазари на хартии од вредност не се толку блиски, особено за граѓаните на Македонија. „Лајф инвест“ е производ што отвора нови можности и бенефции за осигурениците, така што корисникот е животно осигуран, но истовремено станува и инвеститор во хартии од вредност на реномирани светски компании – изјави генералниот директор на „ВФП груп“ од Австрија.
Искуството за користење на овој производ во Австрија е позитивно и секоја година има нови 10.000 корисници.
Во Македонија, во првата половина на 2015 година, има пораст во сите сегменти на функционирање на осигурителниот сектор.
– Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на приходите за 19,96 проценти, при што остварената полисирана бруто-премија изнесува 461,66 милиони денари. Во истиот период минатата година изнесуваше 384,84 милиони денари. Оваа висока стапка на пораст на осигурувањето на живот е една од највисоките стапки на пораст, споредено со сите земји во Европа – изјави неодамна Зоран Стојаноски од Агенцијата за супервизија на осигурување.