Сиријка роди девојче во гевгелиската болница

Вчера попладне во гевгелиската болница, сириска државјанка, една од бегалците што транзитираат низ територијата на државата, родила здраво женско бебе, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, мајката и детето се наоѓаат во добра состојба. Станува збор за петти случај во кој мигрантка се породила во Македонија.

Инаку, според МВР, во последните 24 часа потврди за искажана намера за барање азил биле издадени на 1.911 странски државјани, со што вкупниот број на регистирани мигранти кои од средината на јуни досега транзитирале низ територијата на земјава изнесува 106.918 лица.

Од нив најголем број, односно 80.215 мигранти, се државјани на Сирија.

Според МВР, вчера до Одделението за азил не било доставено ниту едно барање за азил. Досега барања за признавање на правото на азил во земјава поднеле вкупно 50 странски државјани.