Пречистителната станица за шестовалентниот хром во Јегуновце далечински ќе се управува

Во објектот се врши прочистување на исцедокот од индустриската депонија каде е расфрлан канцерогениот шестовалентен хром

Обоената вода со шестовалентен хром и други материи се влива во реката Вардар кај депонијата во Јегуновце; Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина и просторно планирање во моментов ги финализира активностите за објавениот тендер за далечинско управување на пречистителната станица во кругот на фабриката „Југохром“ во Јегуновце, каде се врши прочистување на исцедокот “збогатен” со канцерогениот шестовалентен хром од индустриската депонија. Станува збор за една од жешките еколошки точки во земјава, која претставува потенцијална опасност за подземните води на Жеденскиот масив.

„Деновиве ќе се потпишува договорот за изведувачот“, велат за Мета.мк од Министерството за животна средина, објаснувајќи ја реализацијата на тендерот за далечинско управување на пречистителната станица во „Југохром“,

Во наредниот период, ова Министерство ќе го распише и тендерот за потребните хемикалии и прекурзори за непречено функционирање на пречистителната станица, како и тендерот за одржувањето на опремата во овој објект. Тие потенцираат дека станува збор за редовни активности, коишто министерството ги реализира секоја година.

Во делот на санацијата на таложникот во пречистителната станица во „Југохром“, има пролонгирање на активноста, но од Министерството потенцираат дека проектот ќе се заврши.

„Тендерот за санација на таложникот, беше распишан во 2022 година. Поради влажните услови во месец декември, не можеше да се заврши, затоа некои последни активности останаа за ова година. Тендерот е во завршна фаза и до крајот на неделата, извршителот треба да достави извештај. По достава на извештајот, таложникот ќе се пушти во функција“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Кон крајот на декември лани, претходниот министер за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини најави дека во државниот буџет за 2023 година се предвидени средства во висина од 9,15 милиони денари за непречено функционирање на пречистителната станица во „Југохром“.

Годинава ќе се инвестира во пречистителната станица во „Југохром“ за справување со шестовалентниот хром

Новата министерка за животна средина и просторно планирање Каја Шукова деновиве појасни дека пречистителната станица со која се намалува загадувањето со шестовалентен хром мора да функционира. Таа оствари средба со вработените од пречистителната станица во „Југохром“, информирајќи ги дека ќе работи на решавање на проблемот со исплатата на месечните приходи на вработените, со побарувањето на дополнителни средства за дежурства во неработните денови, како и со обезбедувањето дополнителна заштитна опрема.

Шукова: Пречистителната станица против шестовалентниот хром во „Југохром“ мора да функционира

Инаку, непреченото и нормално функционирање на пречистителната станица во „Југохром“ во моментов е единствениот спас од загадувањето со шестовалентниот хром на реката Вардар и на подземните води во Јегуновце. Мета.мк во февруари минатата година беше во посета на депонијата во Јегуновце, каде што се складирани 850.000 тони индустриски отпад од работењето на „Југохром“.

Негативното влијание од оваа жешка еколошка точка може да биде ублажено преку функционирањето на пречистителната станица, бидејќи во депонијата во Јегуновце има 7.500 тони шестовалентен хром кој е опасен по човековото здравје. Само 11.000 метри квадратни под површината на депонијата се обложени со заштитна фолија, која треба да го спречи продорот на опасни хемикалии во подземните води. Истовремено, во 2003 година е изграден дренажен систем кој го зафаќа исцедокот, а загадените води преку цевки ги носи до пречистителната станица во фабриката „Југохром“.

Сепак, по речиси две децении функционирање на целокупниот систем, на терен може да се забележат проблеми со непречената работа на пречистителната станица. Имено, во февруари минатата година, при нашата посета на индустриската депонија во Јегуновце, забележавме присуство на вода со жолто-портокалова и темно-црвена боја “богата” со шестовалентен хром до пумпната станица лоцирана надвор од депонијата, непосредно до реката Вардар.

Ако не се реши проблемот со депонијата на „Југохром“, шестовалентниот хром може да е закана и за изворот Рашче

Канцерогениот шестовалентен хром од депонијата во Јегуновце го демне здравјето на граѓаните [фото]