Шукова: Пречистителната станица против шестовалентниот хром во „Југохром“ мора да функционира

Пречистителната станица за отпадни води во „Југохром“; Фото: Мета.мк

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска оствари средба со вработените од пречистителната станица за намалување на загадувањето со шествалентен хром лоцирана во фабриката „Југохром“.

„Состанокот беше инициран од страна на вработените од Југохром – во стечај, заради проблеми со исплатата на месечните приходи, побарување на дополнителни средства за дежурства во неработните денови, како и обезбедување дополнителна заштитна опрема“, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од Министерството објаснуваат дека пречистителната станица е објект под сопственост на Југохром Алзар ДООЕЛ Јегуновце, а луѓето што се грижат за нејзиното функционирање се вработени во компанијата. Од причина што оваа инсталација моментално е под стечај и не работи, а прочистувањето на водите што се излеваат од депонијата во Јегуновце е од витално значење за заштитата на животната средина и подземните води од шестовалентниот хром, Министерството за животна средина и просторно планирање ја презема обврската да ги плаќа надоместоците за месечните плати на луѓето што оперираат со пречистителната станица, како и за хемикалиите кои треба да се набавуваат односно трошоците за одржување на пречистителната станица.

На состанокот министерката информирала дека за барањата на вработените веќе е разговарано со стечајниот управител и истите ќе бидат исполнети со новиот договор што министерството ќе го потпише со стечајниот управител, односно ќе се обезбеди редовно исплаќање на платите, а решен бил проблемот со здравственото осигурување и ќе се направи напор за обезбедување на заштитната опрема за вработените.

Инаку, Министерството за животна средина и просторно планирање на почетокот од годинава најави дека ќе се инвестираат 9,15 милиони денари за непречено функционирање на пречистителната станица, која што врши третман на отпадни води од индустриската депонија создадена од работењето на „Југохром“.

Годинава ќе се инвестира во пречистителната станица во „Југохром“ за справување со шестовалентниот хром

Во јануари од ова министерство информираа дека во 2023 година ќе продолжи започнатата санација на таложникот во пречистителната станица во фабриката „Југохром“, а ќе се објави и тендер за одржување и сервисирање на целата опрема во пречистителната станица и пумпната станица во депонијата лоцирана близу реката Вардар.

Новата министерка за животна средина Каја Шукова вчера напомена дека планираните инвестиции за годинава во пречистителната станица во Јегуновце ќе се остварат.

„За ‘Југохром’ се спремаат набавките и ќе се спроведат парите“, изјави министерката Шукова.

Инаку, непреченото функционирање на пречистителната станица за отпадни води во кругот на фабриката „Југохром“ се чини дека засега е единствениот спас од загадувањето со шестовалентен хром на реката Вардар и на подземните води. Мета.мк повеќе од една година беше во посета на депонијата во Јегуновце, каде што се складирани 850.000 тони индустриски отпад од работењето на „Југохром“. При нашата посета, забележавме присуство на канцерогениот шестовалентен хром на депонијата, кој во комбинација со вода создава токсична материја со карактеристична жолто-портокалова и темно-црвена боја што ја увидовме до пумпната станица кај депонијата и која што се влива директно во реката Вардар.

Канцерогениот шестовалентен хром од депонијата во Јегуновце го демне здравјето на граѓаните [фото]

Депонијата со шестовалентен хром во Јегуновце е една од 16-те жешки еколошки точки во земјава, кои остануваат нерешен проблем од страна на државата до денешен ден.