Годинава ќе се инвестира во пречистителната станица во „Југохром“ за справување со шестовалентниот хром

Пречистителната станица за отпадни води во „Југохром“; Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина и просторно планирање во 2023 година ќе го стави фокусот на непречено одржување во функција на пречистителната станица за отпадни води во кругот на фабриката „Југохром“ од Јегуновце, каде се доведуваат на прочистување водите-исцедокот од индустриската депонија со опасниот шестовалентен хром, лоцирана крај реката Вардар во тетовското село Јегуновце.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кон крајот на декември лани најави дека во државниот буџет за 2023 година се предвидени средства во висина од 9,15 милиони денари за непречено функционирање на пречистителната станица, која што врши третман на отпадни води од индустриската депонија создадена од работењето на „Југохром“.

Државата обезбеди 14 милиони денари за оградување и покривање на арсенот во Лојане

Мета.мк побара подетални одговори од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со оваа жешка еколошка точка во земјава, при што добивме одговор дека во 2023 година ќе продолжи започнатата санација на таложникот во пречистителната станица во фабриката „Југохром“, а ќе се објави и тендер за одржување и сервисирање на целата опрема во пречистителната станица и пумпната станица во депонијата лоцирана близу реката Вардар.

„За одржување на пречистителната станицаво Југохром Алзар ДООЕЛ Јегуновце, како и за одржување на секоја пречистителна станица генерално, потребни се значајни финансиски средства. Министерството за животна средина и просторно планирање, се труди максимално во овој дел, поради важноста на намалувањето на историското загадување во Јегуновце, надвор и од своите обврски од одредбите на договорот за континуирана работа, склучена помеѓу министерството и компанијата“, велат од ова министерство.

Студијата за трајно решавање на шестовалентниот хром допрва ќе се прави

Мета.мк на 6 јули лани објави дека со ребалансот на државниот буџет за 2022 година се издвоија финансиски средства за изработка на студија за трајно решавање на проблемот со индустриската депонија во Јегуновце, со цел заштита на изворот Рашче од евентуално загадување со опасниот шестовалентен хром што е складиран на локацијата во тетовското село. Тогаш неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ побараа да се издвојат средства од 7,5 милиони денари за изработка на ваквата студија, при што владата го одобри нивниот амандман што беше поднесен при разгледувањето на буџетскиот ребаланс.

Со средства од буџетот ќе се изработи студија за решавање на проблемот со шестовалентниот хром во Јегуновце

Неколку месеци подоцна, од Министерството за животна средина и просторно планирање објаснуваат дека владата со ребалансот на буџетот лани во јули обезбедила само 2,5 милиони денари, a не 7,5 милиони денари, при што средствата биле недоволни за реализација на оваа активност. Од ова министерство објаснуваат дека на ним им биле доделени финансиски средства предоцна, бидејќи до реализирањето на јавната набавка како процедура, тие имале нецелосни три месеци за изготвување на студија од ваков обем. 

„Студијата за трајно решавање на проблемот со индустриската депонија во Јегуновце е неопходна и истата секако дека ќе даде соодветни алтернативи и препораки преку кои би можело да се надмине или ублажи проблемот со оваа жешка еколошка точка. Министерството ќе ги разгледа сите можности, било преку свој буџет или донаторски фондови, студијата да биде изготвена“, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање, но без конкретен податок дали ваквата студија ќе може да биде изработена годинава.

Пречистителната станица засега единствен спас од шестовалентниот хром

Непреченото функционирање на пречистителната станица за отпадни води во кругот на фабриката „Југохром“ се чини дека засега е единствениот спас од загадувањето со шестовалентен хром на реката Вардар и на подземните води. Мета.мк пред една година беше во посета на депонијата во Јегуновце, каде што се складирани 850.000 тони индустриски отпад од работењето на „Југохром“.

Канцерогениот шестовалентен хром од депонијата во Јегуновце го демне здравјето на граѓаните [фото]

Забележавме присуство на канцерогениот шестовалентен хром на депонијата, при што заедно со другите отпадни материи, тој во комбинација со вода создава токсична материја со карактеристична жолто-портокалова и темно црвена боја, која ја увидовме до пумпната станица кај депонијата и која што се влива директно во реката Вардар. Од граѓаните во Јегуновце дознавме дека кога се високи подземните води, пумпите не успеваат да ја собера сета количина на вода, која е исцедок од депонијата и таа директно се влева во Вардар.

Инаку, во 2003 година е изграден дренажен систем, со кој преку препумпните станици се зафаќа исцедокот, а загадените води од депонијата преку цевки се носат до пречистителната станица за отпадни води во „Југохром“. Сепак, она што најмногу загрижува е присуството на околу 7.500 тони шестовалентен хром во самата депонија, бидејќи само 11.000 метри квадратни од под површината на депонијата се обложени со заштитна фолија, со која треба да се спречи продирањето на опасните хемикалии во подземните води.

Покрај тоа што ги загадува водите кои не можат да се користат од локалното население во Јегуновце, доколку не се реши проблемот со шестовалентниот хром во депонијата, тој би можел во иднина да прерасне и во закана за изворот Рашче од кој со вода за пиење се снабдува речиси цело Скопје. Официјалните мерења на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје засега не покажуваат присуство на проблем преку зголемени концентрации на шестовалентен хром или други загадувачки супстанци во скопската вода или на локации во близина на изворот Рашче, но сепак решение за оваа жешка еколошка точка во Јегуновце треба да се најде час поскоро.

Ако не се реши проблемот со депонијата на „Југохром“, шестовалентниот хром може да е закана и за изворот Рашче

Потребна е работа на терен за да се спречи загадувањето на водите

Трајче Стафилов, долгогодишен професор и истражувач од Институтот по хемија за Мета.мк вели дека создадената троска од работењето на „Југохром“ во Јегуновце проблематична е во делот на хроматниот мил, кој бил складиран на депонијата како отпад при производството на хромни хемикалии – хромати. Хромот во хроматите бил шестовалентен, која пак е докажано дека е токсична и канцерогена материја при внес во човековиот организам.

Од „Југохром“ отпадот од ваквото производство „богат“ со шестовалентен хром се истурал во истата депонија, при што на депонијата има 300.000 тони хроматен мил, помешан заедно со отпадот од производството на ферохромот.

„Дождовните води го раствораат делумно и си оди во подземните води“ предупредува Стафилов за шестовалентниот хром и посочува дека во минатото тие оделе и во површинските води.

Работата на пречистителната станица во кругот на фабриката „Југохром“ е да врши хемиска трансформација на шестовалентниот хром кој се појавува како исцедок од депонијата во тривалентен, којшто не е токсичен и може да се испушта во реката Вардар.

Професорот Трајче Стафилов додава дека е докажано оти подземните води кај депонијата во Јегуновце имаат комуникација со подземното езеро од Жеденскиот масив.

„Фала богу, шестовалентниот хром го нема уште во изворската вода и постојано се прават анализи во лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје“, вели Стафилов, додавајќи дека подземното жеденско езеро е многу големо и се храни со огромни количини од шарските води, при што целото подрачје е карстно и водата понира.

Сепак, тој укажува дека на долг временски период би можело да постои опасност од шестовалентниот хром по изворот Рашче, но само доколку не се преземат мерки за решавање на проблемот со заштита на подземните води кај Јегуновце.

Бидејќи веќе е изработена физибилити студија, професорот Стафилов укажува дека треба да следи тендер за избор на компанија што ќе ја комплетира проектната документација со избрано решение за решавање на проблемот со шестовалентниот хром и потоа треба да се пронајдат финансиски средства за да се имплементира избраното решение.

Едно од решенијата кое е наведено во физибилити студијата, наведува Стафилов, е индустриската депонија во Јегуновце да се покрие со соодветен материјал, за да се сопре растворањето на шестовалентниот хром од дождовната вода и нејзиното понирање во подземните води. Друга опција би била да се пронајде концесионер што ќе ја преработи троската од „Југохром“, но притоа преработката со користење на вода на лице место е недозволива од аспект на заштита на животната средина, потенцира Стафилов.