fbpx

Пречистителната станица за отпадни води во Скопје ќе почне да се гради годинава

-

Денеска во просториите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, се отворија тендерските понуди за дизајн и изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Од 12 компании и конзорциуми што ги поднесоа своите апликации на меѓународниот тендер до октомври 2020 година, во втората фаза од тендерската постапка се квалификуваа две компании.

Втората фаза од тендерот за изградба на капиталниот објект за Скопје ќе треба да трае од 3 до 6 месеци, по што би се избрал најповолен понудувач и би започнала изградбата на објектот којшто треба да ги пречистува отпадните води од над половина милион жители од главниот град.

„Ако до сега отпадните води одеа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ја животната средина и јавното здравје, сега конечно ќе имаме можност активно да делуваме, да ги менуваме работите и да ставиме крај на загадувањето на реката Вардар, на градот, но пред се, дa обезбедиме подобра вода за пиење на населението и да го подобриме квалитетот на живот на скопјани“, изјави скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Инаку, македонската влада ги обезбеди кредитите во висина од 136 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во декември 2019 година, по што во 2020 година беше распишан меѓународниот тендер којшто го имплементира ЈП Водовод и канализација-Скопје.

Во меѓувреме, Европската Унија деновиве соопшти дека преку Инвестициската рамка за Западен Балкан се обезбедени неповратни финансиски средства за нашата земја во висина од 69,8 милиони евра, со што директно за половина се намалува кредитното задолжување на Северна Македонија кон ЕБРД и ЕИБ.

Инаку, откако ќе се избере изведувачот на скопската пречистителна станица, целокупната постапка на изградба треба да се заврши во рок од 72 месеци. Од нив, 36 месеци се предвидени за проектирање и изградба на огромниот објект што ќе се наоѓа покрај реката Вардар, во близина на населеното место Трубарево. Уште 24 месеци се предвидени за пробна операција, како и дополнителни 12 месеци за отстранување на евентуалните дефекти на капиталниот објект.

Идната пречистителна станица за отпадни води треба да ги опфати за прочистување фекалиите што во моментов се создаваат во 9 од вкупно 10 скопски општини.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...