За изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје се заинтересирани 12 компании

Фото: Архива на Мета.мк

Рокот за поднесување на апликации за претквалификација за избор на најповолен понудувач за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје заврши вчера. Од ЈП „Водовод и канализација“, како инвеститор, велат дека биле поднесени 12 апликации од компании или конзорциуми заинтересирани за изградба на капиталниот објект вреден 136 милиони евра.

„Горд сум што испишуваме нова страница во историјата на Скопје“, изјави Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“.

Од претпријатието посочуваат дека апликантите кои поднеле само електронска апликација, ќе треба до 14 октомври да ја достават истата и во печатена форма.

Претквалификациската фаза е почетокот на постапката низ која ќе се избере изведувачот на идната пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Од 12-те апликации доставени од заинтересираните компании или конзорциуми, ќе се изберат субјектите кои ќе бидат поканети да достават понуди на меѓународната ограничена постапка за избор на најповолниот изведувач.

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје треба да започне во 2021 година, а целокупната постапка на изведба треба да се заврши во рок од 72 месеци. Од нив, 36 месеци се предвидени да се одвојат за проектирање и изградба на огромниот објект што ќе се наоѓа покрај реката Вардар, во близина на населеното место Трубарево. Уште 24 месеци се предвидени за пробна операција, како и дополнителни 12 месеци за отстранување на евентуалните дефекти на капиталниот објект.

Идната пречистителна станица за отпадни води треба да ги опфати за прочистување фекалиите што во моментов се создаваат во 9 од вкупно 10 скопски општини. Во напредна фаза на изведба веќе се наоѓаат двата колектора од левата и десната страна на реката Вардар, преку кои фекалиите од целиот град ќе се транспортираат до објектот во Трубарево.

Откако ќе отпочне со работа овој капитален објект, во водите на реката Вардар нема да се испуштаат фекалиите од скопските домаќинства, со што се очекува да се подобри квалитетот на водите на реката Вардар и тие да се искачат во втора категорија на загаденост. Паралелно со изградбата на скопската пречистителна станица, идентичен ваков објект треба да се гради и во Тетово.

Во моментов, водите на реката Вардар бактериолошки се класифицираат во најлошата четврта категорија на загадување, додека хемиски се меѓу четврта и петта категорија на загадување. Поради ова, забрането е капење во водите на Вардар, наводнувањето на земјоделските површини, ловењето на риба за исхрана и користењето на бунарите за вода за пиење што се наоѓаат до самата река.