Фото: Арбнора Мемети

Во шест од вкупно од осум региони во нашата земја бројот на умрените лица го надминува бројот на родени деца, како резултат на неповолната старосна структура и нискиот фертилитет, покажуваат податоците од новата публикација „Регионите во Република Северна Македонија, 2020 година“ на Државниот завод за статистика.

Повеќе новородени од починати лица има само во Скопскиот и во Полошкиот регион.

Од Државниот завод за статистика укажуваат дека демографските показатели на регионално ниво покажуваат разлики што укажуваат на диспропорции во територијалната дистрибуција на населението. Најгусто населен е Скопскиот, a најретко населен е Вардарскиот Регион.

„Разликите се евидентни и во старосната структура на населението. Најголемо учество на младото население (0-14 години) има во Скопскиот, а најмало во Источниот Регион. Учеството на старото население (65+) е најголемо во Пелагонискиот, а најмало во Полошкиот Регион“, се вели во публикацијата.

Освен демографски, во регионите има и значителни економски разлики. Највисок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2019 година, во однос на вкупниот просек во Република Северна Македонија, е забележан во Скопскиот Регион (14,5 отсто), а најнизок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2019 година, во однос на вкупниот државен просек е забележан во Североисточниот Регион (21,6 отсто).